Местата (и луѓето) на кои секогаш се враќам

Постојат тие места на кои се навраќам од време на време. Таму секогаш, тивко и трпеливо, ме чека некоја стара верзија од мене, подготвена повторно да ми каже која сум и која можам да бидам.

Од местата на кои патуваме, секогаш носиме нешто назад. Вкусот на кафето во малото кафуле на брегот на морето, мирисот на паркот во есен, звукот на уличните свирачи на плоштадите, сликата на малите книжарици и зајдисонцата. Малите базари на улиците. Музеите. Верандите со цвеќе. Топлите есенски вечери. Морските бранови во декември…

Понекогаш и луѓето.  Оние кои нè насмеале, нè држеле за рака… Тивките разговори кои ни донеле топлина. Тие моменти на спокој, луѓето и градовите, малите места и улички… Сите тие стануват дел од нашата приказна.

Постојат такви места на кои се навраќам од време на време. Некои се во градовите во кои сум се будела, некои се во мојата меморија, некои во луѓето кои сум ги среќавала…

И кога одново и одново се враќам назад, секогаш пронаоѓам и дел од себе кој таму останал. Огледало во кое се гледам себе си со сите радости и по некоја тага што ги донеле годините. Пронаоѓам дел од мојата тишина, нивните зборови, нашите утра и ноќи.

Тие места не се само точки на мапата. Некои се мои тајни засолништа.

Ги отклучувам кога ми недостасува мир, кога ми треба потсетник дека сум живеела со сите сетила.

Секое враќање е како мало патување кон спомените што ги чувам, кон луѓето што оставиле траги, кон моите чекори во некои тивки споредни улички.

Ги чувам тие мали парчиња свет како фотографии без рамки, како приказни што не сакам да ги завршам. И можеби токму затоа никогаш целосно не си заминувам од местата што сум ги сакала. Таму секогаш, тивко и трпеливо, ме чека некоја стара верзија од мене, подготвена повторно да ми каже која сум и која можам да бидам.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни