Декември во Кинотека на Македонија ветува богат филмски репертоар кој ќе ги задоволи вкусовите на сите љубители на седмата уметност.
Овој месец е посветен на јубилејни проекции на македонски филмови и култни светски остварувања, како и на прикажување на актуелните фестивалски хитови.
Декемвриската програма ја збогатуваат легендарни македонски филмови кои ја обележаа историјата на нашата кинематографија.
Со проекции на „До Балчак“, „Бал-Кан-Кан“, „Мис Стоун“, „Како убив светец“, „Тони Манџа“, „Бубачки“, „Големата вода“, „Созерцание“ и „Илузија“, публиката ќе има можност повторно да се потсети на овие маестрални дела, кои преку различни наративи и жанрови ја прикажуваат македонската култура, историја и живот.
Актуелни фестивалски хитови
Покрај јубилејните остварувања, на големото платно ќе бидат прикажани и два од најактуелните годинешни фестивалски хитови, „Супстанца“ и „Анора“, кои продолжуваат да освојуваат признанија и да ја одбележуваат кинематографијата на меѓународната сцена.
Месецот ќе биде дополнително збогатен со одбележување на два големи филмски јубилеја. Ќе се одбележат 35 години од култниот југословенски филм „Како пропадна рокенролот“, кој со својата уникатна нарација и хумор останува неизбришлив дел од регионалната поп-култура.
Дополнително, ќе бидат одбележани и 25 години од премиерата на иновативниот филм „Да се биде Џон Малкович“ – ремек-дело на Спајк Џонз, филм кој револуционизираше жанровски одредници и ја преобликуваше модерната кинематографија.
Кинотека на Македонија ве поканува да станете дел од оваа незаборавна филмска авантура, која низ призма на класиката и новитетот нуди ретроспектива на минатото, но и поглед кон иднината на кинематографијата.
Секој филм носи уникатна приказна, но заедничка нишка е љубовта кон уметноста која поврзува генерации.