Месечината ќе добие „гробишта“ за сателити поради зголемениот вселенски сообраќај

Научници предлагаат контролирани зони каде ќе се урива нефункционална опрема, далеку од чувствителни локации

Со забрзаното зголемување на бројот на лунарни сателити, делови од Месечината би можеле да станат официјални „гробишта“ за нефункционална вселенска опрема, предупредуваат научници и експерти за вселенска безбедност. Идејата е старите и нефункционални сателити контролирано да се уриваат на однапред определени места, далеку од локации со културно и научно значење.

Во следните две децении се очекува значително зголемување на бројот на мисии и сателити што ќе орбитираат околу Месечината, бидејќи вселенските агенции и приватните компании планираат изградба на бази, рударски активности и поставување научни инструменти на лунарната површина. Овој развој ќе биде поддржан со системи за позиционирање, навигација и комуникација преку лунарни сателити.

Но, кога овие сателити ќе го потрошат горивото, операторите имаат ограничени опции. За разлика од Земјата, каде старите сателити се уништуваат при влез во атмосферата, Месечината нема атмосфера што би ги „изгорела“ овие објекти. Тоа значи дека тие мора контролирано да се уриваат на површината.

Ризик за научни и историски локации

„Овие сателити ќе мора да се срушат на Месечината, што значи дека потенцијално може да создадат зони со вселенски отпад“, изјави Фиона Томсон, виша научна соработничка на Универзитетот во Дарем, која го отвори ова прашање на конференцијата Space-Comm во Глазгов.

Научниците стравуваат дека неконтролирани падови на повеќе „мртви“ сателити би можеле да ги оштетат идните бази, научни инструменти, како и историски локации – меѓу нив и местата каде што се наоѓаат првите отпечатоци од чекорите на астронаутите.

Со брзини на удар од околу 1,9 километри во секунда, ваквите судири можат да создадат силни вибрации и кратери со должина од десетици метри, како и облаци од абразивна прашина што би можеле да ги оштетат телескопите и чувствителната опрема.

Потреба од глобален план

„Ова не е претерана грижа. Колку повеќе лунарни сателити има, толку е поголема веројатноста некои од нив да се срушат на научно или културно чувствителни места“, предупреди Ијан Крофорд од Универзитетот во Лондон – Биркбек.

Повеќе од 400 мисии на Месечината се планирани во следните 20 години. Тие вклучуваат проекти како Lunar Gateway и базниот камп Artemis, како и посебна лунарна база што ја планираат Кина и Русија.

„Зони на удар“ како најпрактично решение

Експертите разгледуваат три главни опции: испраќање на сателитите во орбита околу Сонцето (скапо решение), нивно преместување во оддалечени лунарни орбити (технички нестабилно), или контролирано уривање на површината.

Моментално, концептот на „гробишта за вселенски летала“ се смета за најреалистичен. Според Бен Хупер од SSTL, одредувањето конкретни „зони на удар“ би го ограничило ширењето на човечки артефакти по Месечината и би ги заштитило другите области за истражување.

Сличен став има и Европска вселенска агенција. Нејзини претставници наведуваат дека идните сателити ќе се уриваат контролирано во однапред одредени региони, со цел да се избегнат активни мисии и локации од историско значење.

Интересно е што, според астрономот Џон Зарнеки, овие контролирани судири би можеле да имаат и научна вредност. „Ако знаете маса, брзина и место на ударот, тоа е извонреден експеримент за проучување на внатрешната структура на Месечината“, објаснува тој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни