Според најновите научни истражувања на Меркур, првата планета во Сончевиот систем има слој од дијаманти со дебелина од околу 18 километри.
Оваа планета долго ги збунуваше научниците, бидејќи има многу особини кои се невообичаени за останатите планети во Сончевиот систем. Тука се вбројуваат неговата многу темна површина и густото јадро. До овие пронајдоци научниците дошле користејќи ги податоците од вселенскиот брод Месинџер, собирани од 2004 до 2015 година.
Леталото беше лансирано на 3 август 2004 година за да ги проучува карактеристиките на Меркур и неговата орбита. Тоа беше првата мисија за испитување на оваа планета, која е најблиска до Сонцето. Таа стигнала покрај планетата на 18 март 2011 година, а во јуни 2013 година го заврши снимањето на Меркур, пред да падне на површината на планетата на 30 април 2015 година.
Научниот тим од Кина и Белгија смета дека два процеса довеле до создавањето на дијамантската кора на Меркур. Првиот е поврзан со кристализација на магмата и се смета дека овој процес придонел за формирање на тенок дијамантски слој. Втората причина за дијамантскиот слој научниците ја гледаат во кристализацијата на металното јадро на планетата пред околу 4,5 милијарди години, кое било течно, но со текот на времето кристализирало.
Според резултатите на ова истражување, објавени во јуни оваа година, се објаснува дека под екстремен притисок, јаглеродот кој е заробен се претворил во дијамант. Така создадениот дијамант излегол на врвот на јадрото и формирал слој помеѓу него и површината.
За да се проверат овие истражувања, креирани се притисоци и температури кои ги има на Меркур. Добиените резултати би можеле да укажат на разликите кои постојат помеѓу формирањето на Меркур и останатите планети.
Извор: РТС