15 илјади студенти веќе втор месец ја користат владината мерката ваучер за превоз. Деветтиот пакет антикризни мерки чија вредност од 662 милиони евра предвидува и континуирана поддршка за академските граѓани. За седум месеци државата обезбеди два милиони евра, износот на месечниот билет се движи од 600 до 1200 денари во зависност од местото на живеење до местото на студирање. Претседателот на Универзитетското студентско собрание при УКИМ Александар Николовски, вели дека студентите се задоволни што државата мисли на нив и токму преку вакви субвенции треба да се размислува за континуирана и трајна помош.
-„ Оваа мерка е антикризна мерка донесена од страна на Владата, која ќе трае шест месеци. Во ситуација на економска криза, овој тип на мерки се добредојдени за студентите поради потешкотиите нанесени од самата криза и намалениот животен стандард од истата. Но, според мене, потребни се долгорочни мерки поврзани со превозот на студентите, кои можат долгорочно да го подобрат студентскиот стандард (субвенциониран меѓуградски превоз, попуст на железнички превоз (доколку истиот се развие ). Она што е најнеопходно за студентите е развој на квалитетот на образовниот процес, интернационализација, интеграција и разгледување на концептот на бесплатно образование. Овие мерки можеби краткорочно се чини дека ништо нема да донесат за подобрување на студентскиот стандард, но на долг рок, токму тие се оние кои ќе овозможат сеопфатен економски развој, а со тоа и подобрување на студентскиот стандард“ вели Николовски.