Мерцедес најави драстични промени – На пазарот стигнуваат 36 нови модели!

Повеќето од новите возила ќе бидат со класични мотори со внатрешно согорување

Неверојатни вести пристигнуваат од таборот на Мерцедес. Гигантот од Штутгарт најавил намалување на трошоците за производство, но и лансирање на дури 36 нови модели. И тоа не е се – повеќето нови возила, што никој не го очекуваше, ќе бидат со класични мотори со внатрешно согорување.

Конкретно, Мерцедес ќе претстави 17 електрични и дури 19 модели со класичен погон во наредните две години. Овие вторите ќе продолжат да се продаваат и во следната деценија. Сето ова доаѓа од производител кој до неодамна тврдеше дека до 2030 година на најразвиените и најголемите пазари ќе нуди исклучиво електрични автомобили.

Разликата во дизајнот помеѓу класичните и електричните модели ќе биде минимална, дури и кај најпрестижните возила кои се движат на целосно различни платформи. Очигледно е дека EQS бил скапа лекција за Мерцедес, па не е изненадувачки што сега моделите нема да се разликуваат драстично во дизајнот.

Листата на новитети започнува со новата CLA класа, која ќе биде достапна во двете верзии на погон, а ќе се нуди и како караван и како SUV. Сличен пристап следи и новата C класа заедно со моделот GLC.

Мерцедес исто така потврди дека работи на електричната верзија на E класа како одговор на BMW i5. Што се однесува до моделите со фосилни горива, прва на ред за редизајн е S класа – и да, V12 моторот останува во понудата.

Профитот на автомобилското одделение паднал за 39% на 8,7 милијарди евра за време на тешката 2024 година, а прогнозите за 2025 се уште поцрни. Затоа Мерцедес планира намалување на трошоците за 10% до 2027 година, а потоа ќе продолжи со дополнителни заштеди сè до 2030.

И покрај мерките на штедење, сите фабрики во Германија ќе продолжат да работат, иако вкупното производство ќе биде намалено од 2,5 милиони на 2 до 2,2 милиони возила. Сепак, производството на барем еден модел ќе биде префрлено во Унгарија, каде што трошоците за производство се пониски за дури 70%.

Мерцедес исто така планира да го зголеми фокусот на производството на возила за американскиот и кинескиот пазар во рамките на тие земји, за да се заштити од царински пречки и други пазарни неизвесности.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни