Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја отвори Минхенската безбедносна конференција со говор во кој повика на поголема европска самостојност од САД, но истовремено ги отфрли барањата за прекин на трансатлантските односи.
„Влеговме во нова фаза на отворени конфликти кои го менуваат светот во кој живееме. Меѓународниот поредок заснован на правила повеќе не постои како порано. Во ерата на големите сили, нашата слобода е загрозена“, изјави Мерц.
„Нов почеток“ со САД, но и помала зависност
Говорејќи за односите меѓу Европа и САД, Мерц истакна дека тие бараат „рестарт“ и нов почеток, но нагласи дека Европа мора да ја намали својата зависност од Вашингтон.
„Никој не ни ја наметна оваа зависност – сами сме одговорни за неа. Затоа треба што побрзо да ја надминеме“, рече германскиот канцелар, додавајќи дека не ги поддржува повиците за целосен прекин на односите со САД.
Тој најави дека Германија по руската агресија врз Украина започнала процес на зајакнување на одбранбените капацитети, што би можело да резултира со „најголемата конвенционална војска“ во Европската Унија. Сепак, нагласи дека Германија нема да дејствува самостојно, туку исклучиво во соработка со партнерите.
Порака до Западен Балкан
На прашање од црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ за проширувањето на Европската Унија, Мерц порача дека прашањето за интеграција на земјите од Западен Балкан е од исклучително значење и за него и за претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Потребна ни е нова стратегија кога станува збор за земјите од Западен Балкан. Не сакаме да ве изгубиме“, изјави Мерц.
Тој нагласи дека Европа мора поактивно да работи на партнерства и со други глобални актери, спомнувајќи ги Индија, Јужна Африка, Бразил и земјите од Персискиот Залив.
Минхен – центар на глобалната политика
На 62-та Минхенска безбедносна конференција се очекуваат повеќе од илјада учесници, меѓу кои над 60 шефови на држави и влади и околу сто министри за надворешни работи и одбрана. Американската делегација ја предводи државниот секретар Марко Рубио.
Годинава конференцијата се одржува во услови на зголемени тензии меѓу САД и европските сојузници, како и засилени повици за европска стратешка автономија.
Извор: Дојче Веле (DW)