Во својот прв говор како германски канцелар, Фридрих Мерц вети дека ќе ги „обезбеди сите потребни финансиски средства“ за да ја претвори германската армија во најсилната армија во Европа.
„Силата ја одвраќа агресијата; слабоста ја поканува“, рече Мерц пред пратениците во Бундестагот.
Тој додаде дека Германија мора да преземе поголема одговорност за одбраната на континентот, среде заканите кои доаѓаат од Русија.
„Федералната влада ќе ги обезбеди сите финансиски средства што и се потребни на германската армија за да стане најсилната армија во Европа во конвенционална смисла“, рече Мерц.
Коалициската влада претходно усвои реформа на строги фискални правила за поголема поддршка на вооружените сили по неколку години недоволно инвестирање во војската.
Со новите мерки, издвојувањата за одбраната веќе не се ограничени на 1 процент од БДП, таканаречената „должничка кочница“ – уставно правило што го ограничува јавниот дефицит во Германија.
„Кочницата на долгот“ постојано ги забавуваше напорите на претходната германска влада да ја подобри безбедноста на земјата и да ја исполни целта на НАТО за трошење 2 отсто од БДП за одбрана.
По почетокот на руската инвазија на Украина, тогашниот канцелар Олаф Шолц изјави дека процесот „веројатно“ ќе ја направи германската армија „најголемата конвенционална армија“ меѓу европските членки на НАТО.
Бројот на германски војници треба да се зголеми на 203.000 до 2031 година, но на крајот на минатата година тој остана на околу 181.000, се вели во годишниот извештај на омбудсманот на германските вооружени сили.