За време на 14-годишната војна, Германија прими повеќе бегалци од Сирија отколку која било друга земја во Европската унија. Но, според Мерц, по падот на режимот на Башар ал-Асад пред 11 месеци, ситуацијата се променила.
„Сега повеќе нема основ за азил во Германија, и затоа можеме да започнеме со репатријација“, изјави Мерц во вторникот, додавајќи дека оние кои одбиваат доброволно да се вратат „можат да се соочат со депортација во блиска иднина“.
Изјавата на Мерц се разликува од ставот на министерот за надворешни работи Јохан Вадепфул, кој по посетата на Дамаск минатата недела изрази сомнеж дека многу Сиријци би се вратиле во земја „разурната и нестабилна“, каде што е тешко да се замисли достоинствен живот.
Сепак, прашањето за Сиријците стана жешка политичка тема во Германија во пресрет на пет покраински избори во 2026 година, каде што десничарската партија „Алтернатива за Германија (AfD)“ сериозно му конкурира на блокот на Христијанските демократи.
Моментално во Германија живеат околу 1,3 милиони Сиријци, од кои повеќе од 7.000 работат како лекари, често во рурални средини каде недостасува медицински кадар. Иако речиси четвртина од нив се родени во Германија и многумина добиле државјанство, поголемиот дел сè уште имаат времен престој.
Во првата половина на 2025 година, само околу 1.000 Сиријци се вратиле во својата земја со помош на германската државна програма за доброволно враќање.
Мерц, кој најави дека го поканил сирискиот привремен претседател Ахмед ал-Шараа во Германија за разговори за депортацијата на лица со криминално досие, изјави дека е време „да се преиспитаат политиките кои повеќе не одговараат на реалноста“.
Од друга страна, Вадепфул истакна дека и понатаму го поддржува заедничкиот став на владата за зголемување на бројот на депортации, но нагласи дека Сирија сè уште не е безбедна за масовно враќање на бегалците.
Извор:The Guardian