„Тој е воен злосторник. Можеби е најтешкиот воен злосторник на нашата ера, што го гледаме во огромни размери. Мораме да бидеме јасни како се справуваме со воени злосторници – тука нема место за попустливост,“ изјави Мерц во интервју, а подоцна ја повтори својата порака и на социјалните мрежи.
Ова претставува значајна ескалација во реториката на германскиот канцелар. Иако Мерц и претходно ја обвинуваше Русија за „сериозни воени злосторства“ и „тероризам против цивилното население“, досега не го квалификувал лично Путин како најголемиот воен злосторник на современото време.
Изјавата на Мерц доаѓа во период кога против Путин сè уште се водат меѓународни правни постапки. Потсетуваме, во март 2023 година, Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на рускиот претседател поради сомневање за незаконска депортација на деца од Украина.
Овој налог значително ги усложни дипломатските напори за можни мировни преговори. Австриското министерство за надворешни работи неодамна соопшти дека земјата е подготвена да биде домаќин на разговори меѓу украинските и руските претставници, но нагласи дека ќе мора да се консултира со Меѓународниот кривичен суд за да се избегнат правни компликации во случај на потенцијална посета на Путин.
Извор: Index.hr