Тој порача дека Кремљ нема да застане на Украина и дека станува збор за поширока закана за Европа, пренесува „Политико“.
Говорејќи на партиска конференција на Христијанско-социјалната унија на Баварија, Мерц се осврна на историскиот договор од 1938 година, кога сојузниците му ги отстапиле Судетите на Хитлер.
„Исто како што Судетите не беа доволни во 1938 година, така ни Путин нема да застане“, изјави Мерц, потсетувајќи дека по тоа Хитлер ја продолжил експанзијата низ Европа. „Ако Украина падне, тој нема да запре таму. Ова е руска агресивна војна, не само против Украина, туку и против Европа“, нагласи германскиот канцелар.
Според него, крајната цел на Путин е „темелна промена на границите во Европа и обновување на поранешниот Советски Сојуз во неговите стари рамки“.
Изјавата доаѓа во период на интензивни дипломатски активности. Заедно со францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, Мерц ги предводи европските напори за зајакнување на поддршката за Украина. Германски, британски и француски претставници, според најавите, викендов разговараат за можни предлози за завршување на војната, во пресрет на клучниот состанок на лидерите закажан за понеделник.
Во исто време, се очекува американскиот пратеник Стив Виткоф да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а средбата во Берлин ќе ја организира токму Мерц.
Паралелно, во подготовка е и мировен план од 20 точки, поддржан од САД, кој, според достапните информации, вклучува и можни територијални отстапки од украинска страна. Еден од предлозите што се разгледуваат е регионот Донбас да добие статус на зона на слободна трговија, отворена и за американски компании.
Извор: Index.hr
