Мерц најавува пресврт: Германија ќе ја гради најсилната војска во Европа

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес го одржа своето прво големо обраќање во парламентот откако ја презеде функцијата минатата недела, во време кога се подготвуваат мировни преговори меѓу Украина и Русија во Истанбул.

Во говорот, кој целосно беше посветен на безбедносните предизвици, Мерц нагласи дека Германија мора да преземе поактивна и поодлучна улога на глобалната сцена, особено во одбраната на Европа од руската агресија.

„Ќе направиме сè што можеме за да ги поддржиме мировните напори“, рече тој, но предупреди дека Западот не смее да прифати „диктиран мир“ ниту „статус кво наметнат со сила од Русија“.

Канцеларот ја истакна важноста на трансатлантското единство и директно му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп за поддршката на иницијативата за примирје во Украина.

„Такво примирје може да отвори простор за вистински мировни преговори“, рече Мерц. „Од клучно значење е политичкиот Запад да остане обединет. Ќе вложам сè за да ја зачуваме највисоката можна кохезија меѓу нашите европски и американски партнери.“

Мерц истакна дека Русија „ги прекршува сите правила по кои се живееше во Европа од крајот на Втората светска војна“. Тој додаде: „Станува збор за иднината на целиот наш континент.“

„Исходот од овој војна нема да ја одреди само судбината на Украина“, рече тој. „Ќе одлучи дали правото и меѓународниот поредок ќе преживеат во Европа и светот – или ќе надвладеат тиранијата, воената сила и законот на посилниот.“

Во вториот дел од говорот, Мерц се фокусираше на внатрешната безбедност и одбранбените капацитети на Германија. Тој најави дека Бундесверот ќе биде системски проширен и финансиски зајакнат, со цел да стане „најсилната конвенционална армија во Европа“.

„Сакаме да бидеме во позиција да можеме да се браниме – за никогаш повеќе да не мораме да се браниме“, изјави канцеларот, додавајќи: „Силата одвраќа, слабоста поканува на агресија.“

Изјавата беше пречекана со аплауз во полната собраниска сала. Мерц додаде дека ваквата стратегија е „целосно соодветна“ за најнаселената и економски најмоќна земја во Европа.

Како дел од реформите, најави и нова атрактивна, доброволна воена служба, која ќе одговори на потребите од кадар во армијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни