Мерц: Ќе го одржиме живо сеќавањето на страшниот злостор што Германците го извршија во холокаустот

Германскиот канцелар Фридрих Мерц во Јад Вашем оддаде почит на шесте милиони жртви на холокаустот и порача дека Германија засекогаш ќе стои зад безбедноста и постоењето на Израел.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска во меморијалниот центар Јад Вашем во Ерусалим оддаде почит на шесте милиони Евреи кои загинаа за време на нацистичката диктатура, во рамки на неговата прва посета на Израел.

„Ќе го одржиме живо сеќавањето на страшниот злостор на холокаустот што Германците го извршија врз еврејскиот народ“, напиша тој во книгата на гости. „Овде, во Јад Вашем, трајната историска одговорност на Германија е опиплива: Германија мора да стои зад постоењето и безбедноста на Израел. Тоа е дел од непроменливата суштина на нашиот однос и така ќе остане засекогаш“, додаде тој.

„Историска промена“ во одбранбената соработка

По средбата со Мерц во Ерусалим, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека германско-израелските односи доживуваат „историска промена“ кога станува збор за одбранбената соработка. Еврејската држава од своето основање „успева да ги одбие нашите непријатели“ и покрај тоа развила капацитети да им помага и на други, рече Нетанјаху, мислејќи на германската набавка на израелскиот противракетен систем Arrow 3.

„Не само што Германија придонесува за одбраната на Израел, туку Израел, еврејската држава, 80 години по холокаустот, придонесува за одбраната на Германија“, додаде тој.

Германија во ноември продолжи со извоз на оружје во Израел, откако во август привремено воведе делумен ембарго поради загриженост околу однесувањето на израелската војска во Појасот Газа.

„И покрај таа одлука, која се однесуваше на специфична ситуација, ништо не се промени пред или по неа кога станува збор за нашиот основен став кон Израел и неговата безбедност, нашата поддршка и нашата воена помош“, изјави Мерц, осврнувајќи се на ембаргото што го воведе неговата влада.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни