Мерц го положи првиот тест: ЦДУ победи на локалните избори, АфД расте, социјалдемократите на дното

На локалните избори во Северна Рајна-Вестфалија, CDU ја задржа водечката позиција, AfD тројно ја зголеми поддршката, а SPD го постигна најслабиот резултат досега.

Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на германскиот канцелар Фридрих Мерц излезе како победник на неделните локални избори во најнаселената германска покраина Северна Рајна – Вестфалија, додека деснопопулистичката Алтернатива за Германија (AfD) забележа значителен раст.

Според првичните резултатите ЦДУ освои 34,6% и ја потврди својата водечка позиција во покраината. Социјалдемократската партија на Германија (СПД) освои 21,9%, што е за 2,4% помалку од последните избори пред пет години, и е нејзин најслаб резултат во покраина која порано се сметаше за нејзина тврдина. Алтернатива за Германија (AfD) освои 16% – тројно повеќе од последните локални избори. Партијата на Зелените доживеа големи загуби и освои 12,4%, што е пад од 7,6% во споредба со пред пет години. Левицата освои 5,1%.

Претставници на ЦДУ и СПД, кои на сојузно ниво ја сочинуваат владината коалиција предводена од канцеларот Мерц, изразија загриженост поради растот на AfD, кој најмногу се потпира на поддршка од источна Германија.

„Успехот на AfD треба да нè натера на длабоко размислување и да не ни дозволи мирен сон. Тоа важи и за мојата партија која победи“, изјави премиерот на Северна Рајна – Вестфалија, Хендрик Вуст (ЦДУ).

Во градовите Гелзенкирхен и Дуисбург, кандидатите на AfD ќе влезат во вториот круг за избор на градоначалник за две недели.

Овие локални избори се сметаат за прв тест за новата влада на Мерц, која ја презеде функцијата во мај.

Главни предизборни теми беа миграцијата, внатрешната безбедност и економската ситуација.

Тест за сојузната влада


Иако се работи за локални избори, резултатите имаат национално значење, бидејќи ова е прв голем тест по предвремените избори минатата зима. Посебно значајно за коалицијата ЦДУ/СПД, бидејќи мнозинството од ЦДУ водството потекнува токму од оваа покраина.

Резултатот на СПД може да влијае на нејзината внатрешна позиција, особено на копретседателката Бeрбел Бас.
Според анкета од август, AfD има поддршка од 26%, пред ЦДУ/ЦСУ со 24%. Иако просечната поддршка варира, AfD продолжува да расте и стана најголема опозициска партија во Бундестагот.

AfD е основана пред повеќе од 10 години од група професори кои се спротивставуваа на еврото. Денес, под водство на радикалната Алице Вајдел, застапува силни антимиграциски и популистички позиции. Некои политичари повикуваат на забрана на партијата.

Во неделите пред изборите починаа седум кандидати на AfD. Полицијата соопшти дека нема ништо сомнително. Еден кандидат починал од откажување на бубрезите, друг извршил самоубиство, останатите умреле од природна смрт. И покрај тоа, на социјалните мрежи се појавија бројни шпекулации и теории на заговор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни