Мерц ги укинува „инстант“ државјанствата и воспоставува поголема гранична контрола

Пратеникот на ЦДУ, Јохан Вадефул, најверојатно ќе ја замени Аналена Бербок на позицијата министер за надворешни работи, земајќи ги предвид неговите долгорочни врски со Вашингтон и Брисел, што најавува поконвенционален стил на дипломатија.

Денот кога идниот канцелар Фридрих Мерц најави дека Германија добива коалициона влада на конзервативци и социјалдемократи врз која Европа може да се потпре, крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија (AfD) изби на врвот по популарност, пред ЦДУ.

Поддршката за блокот на христијанските демократи (ЦДУ/ЦСУ) на Фридрих Мерц падна за пет проценти на 24 отсто, додека AfD доби три проценти и ја престигна оваа коалиција со 25 отсто поддршка, покажува анкетата на Ипсос. Овие резултати се најдобар показател за тоа колку граѓаните се незадоволни, иако кандидатот за канцелар Мерц се обидува да ја смири нацијата со порака дека ќе добие влада што е силна и способна за акција.

Лидерот на христијанските демократи ги пофали брзите и усогласени преговори со СПД, заклучувајќи дека тоа е важен темел за идната соработка.

„Заеднички дојдовме до овој договор и мислам дека тоа е добар темел за работа на владата во следниот изборен период“, изјави Мерц, најавувајќи дека новата извршна власт ќе започне со работа најдоцна на почетокот на мај.

Во рамки на договорот за новата германска влада, министерствата за надворешни работи, полиција и економија ќе ги предводат конзервативни министри од ЦДУ, додека нивните коалициони партнери од редовите на социјалдемократите (СПД) ќе го преземат ресорот за финансии и одбрана, пренесува „Политико“. Иако сè уште не е познат точниот состав на идниот кабинет на Мерц, медиумите дознаваат за можни имиња на идни министри.

Пратеникот на ЦДУ Јохан Вадефул најверојатно ќе ја замени Аналена Бербок на позицијата шеф на германската дипломатија, имајќи ги предвид неговите долгорочни врски со Вашингтон и Брисел. Неговото именување би означило враќање кон поконвенционален стил на дипломатија по мандатот на заминувачката министерка за надворешни работи Бербок, која се залагаше за „феминистичка надворешна политика“. Покрај Вадефул, овој ресор би можел да го преземе и поранешниот лидер на ЦДУ Армин Лашет или Јенс Шпан, кој има добри врски со американските републиканци, иако нема дипломатско искуство.

Бриселски портал наведува дека се очекува Борис Писториус, кој според анкетите сè уште најпопуларен политичар во Германија, да ја продолжи функцијата министер за одбрана, на која беше именуван околу една година по почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година.

Главни кандидати за позицијата министер за финансии се Ларс Клингбил, кој беше еден од главните преговарачи на СПД во коалиционите преговори, и Јорг Кукис, долгогодишен советник на поранешниот канцелар Олаф Шолц. Карстен Линеман, еден од најблиските сојузници на идниот канцелар Фридрих Мерц, најверојатно ќе го преземе Министерството за економија, а се очекува поранешниот министер за сообраќај од ЦСУ, Александер Добринд, да стане нов министер за внатрешни работи, наведува порталот.

Говорејќи за приоритетите на новата коалициона влада, Мерц истакна дека Германија ќе воспостави доброволна воена служба по примерот на Шведска, како и дека ќе биде формиран Совет за национална безбедност и Национален кризен совет. Лидерот на ЦДУ додаде дека Германија ќе воведе и гранична контрола.

Под притисокот на крајната десница AfD, која е најсилна опозициска сила во Бундестагот, новата германска влада најавува укинување на „турбо“ државјанствата. Конзервативниот сојуз Христијанско-демократска унија (ЦДУ)/Христијанско-социјална унија (ЦСУ) и левичарската Социјалдемократска партија (СПД) ќе го укинат трогодишниот забрзан пат до државјанство за „добро интегрирани“ имигранти, стои во коалициониот договор на партиите.

Овој трогодишен пат до државјанство стана достапен на апликантите минатиот јуни, откако поранешната тричлена владејачка коалиција составена од СПД, Зелените и Слободната демократска партија ја усвои реформата за германска натурализација. Повеќе нема да биде можно странците да добијат државјанство за три години, без оглед на тоа што имаат напредно познавање на германски јазик (ниво C1), кое им овозможи подобро да се интегрираат во германското општество преку волонтерска работа, значајни професионални достигнувања или студии.

Конзервативната ЦДУ и нејзината баварска сестринска партија ЦСУ често го критикуваа трогодишниот пат, нарекувајќи го „турбо“ натурализација. Некои конзервативни критичари тврдат дека три години престој во Германија се премалку за добивање германско државјанство.

Сепак, имигрантите и понатаму ќе можат да поднесуваат барање за германско државјанство по пет години непрекинат престој во земјата и со средно познавање на германски јазик (ниво B1), согласно минатогодишната реформа. Интересно е што двојното државјанство сè уште ќе биде дозволено. Пред минатогодишната реформа, двојното државјанство меѓу Германија и земји кои не се членки на ЕУ најчесто не беше дозволено. Откако реформата стапи на сила, бројот на барања за натурализација за германско државјанство нагло се зголеми, а за тоа се заинтересира и големата турска заедница во Германија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни