Мерц: Германија подготвена да го обезбеди Ормускиот теснец – му ветив на Трамп

Германскиот канцелар Фридрих Мерц најави воена поддршка за безбедноста на Ормускиот теснец, доколку се постигне мировен договор меѓу САД и Иран.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Германија е подготвена да учествува во обезбедување на Ормускиот теснец, нагласувајќи дека такво ветување веќе му дал на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој посочи дека Берлин ќе продолжи со директни дипломатски разговори со Иран, со цел да придонесе кон успехот на претстојните преговори меѓу САД и Иран, кои треба да започнат во Пакистан.

„Нашата цел е да дадеме сопствен придонес за успешни преговори“, изјави Мерц, додавајќи дека дипломатското решение е во интерес на Германија.

Поддршка за мировни напори

Канцеларот најави дека ќе разговара со пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, кој е домаќин на мировните разговори меѓу САД и Иран.

Според него, исходот од овие преговори е клучен не само за стабилноста на регионот, туку и за глобалната економија, вклучително и германската.

Воено обезбедување на теснецот

Мерц откри дека на итна прес-конференција разговарал со Трамп за можноста Германија да помогне во обезбедувањето на безбеден поморски сообраќај низ Ормускиот теснец.

„Му ветив на американскиот претседател дека, во случај на одржлив мировен договор и прекин на воените дејствија, Германија ќе помогне во гарантирање на безбедноста на пловидбата“, рече Мерц, додавајќи дека сè уште е рано за конкретни чекори.

Критики за состојбата во Либан

Германскиот канцелар ги критикуваше и нападите на Израел во Либан, предупредувајќи дека тие може сериозно да ги загрозат мировните напори.

„Интензитетот на борбите може да го доведе во прашање целиот мировен процес – а тоа не смее да се случи“, нагласи тој.

Во однос на растот на цените на енергенсите во Германија поради конфликтот во Персискиот Залив, Мерц изјави дека засега не се планираат нови мерки, но Владата ќе реагира доколку цените не се стабилизираат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни