Мерц: Германија и ЕУ мора да направат голем технолошки исчекор за да ја вратат глобалната конкурентност

Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја претстави „Високотехнолошката агенда“ со цел Европа да стане независна од САД и Кина и да го зајакне својот иновативен капацитет до 2030 година.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска повика Германија и ЕУ да направат голем исчекор за повторно да ја вратат глобалната технолошка конкурентност.

„Не смееме да дозволиме САД и Кина сами да ја определуваат технолошката иднина – тоа е прашање на нашата благосостојба, безбедност и, на крај, слобода“, изјави Мерц во Берлин, на претставувањето на владината „Високотехнолошка агенда“, чија цел е зајакнување на технолошкиот сектор во земјата.

Тој нагласи дека ЕУ отсекогаш била успешна во создавањето подобра иднина за своите граѓани, но дека во последните години станала премногу самодоволна. – Тоа може и мора да се поправи, рече германскиот канцелар.

Мерц истакна дека Германија и Унијата мора да станат технолошки независни, особено во услови на растечки судир меѓу авторитарни и либерални држави. – Сведоци сме на еднострани зависности кои се користат како политички инструмент во борбата за моќ, предупреди тој.

Германија, според Мерц, мора повторно да стане значаен глобален фактор преку лидерство во иновациите. Владата има цел да издвојува најмалку 3,5 отсто од БДП за истражување и развој до 2030 година.

Преку новата „Високотехнолошка агенда“, економската и научната политика ќе се преориентираат кон конкурентност, создавање вредност и технолошки суверенитет.

Мерц најави дека Германија ќе се фокусира на шест клучни технологии: вештачка интелигенција, квантна технологија, микроелектроника, биотехнологија, фузија и производство на енергија без емисии, како и технологии за климатски неутрална мобилност.

„Ако сакаме да бидеме водечка технолошка нација, мора да воспоставиме вистинска соработка меѓу индустријата и науката“, додаде Мерц.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни