Мерц ја поддржува забраната на социјални мрежи за деца под 14 години

Германскиот канцелар вели дека прекумерната употреба на мобилни телефони влијае врз развојот и социјализацијата

Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја поддржа иницијативата за забрана на социјални мрежи за деца помлади од 14 години, предлог што го изнесе неговиот коалициски партнер, Социјалдемократската партија на Германија (СПД).

Во политички подкаст, Мерц изјави дека не треба да изненадува доколку децата покажуваат заостанување во личниот развој и социјализацијата, доколку значителен дел од денот го поминуваат пред екрани.

„Во ситуација во која 14-годишни деца по пет часа дневно поминуваат со мобилен телефон и кога целата социјализација се одвива преку социјалните мрежи, не смееме да се чудиме ако истите тие деца покажуваат заостанување во развојот“, рече Мерц.

Тој додаде дека генерално не е приврзаник на забрани, но дека има „разбирање“ за иницијативата на СПД, која во изминатите денови предложи построго регулирање на користењето на социјалните мрежи кај младите, вклучително и целосна забрана за деца под 14 години.

Според Мерц, приоритет треба да биде заштитата на децата во период кога, како што рече, треба да имаат време за игра, учење и концентрација на училиштето.

Прашањето ќе биде разгледано и на редовната партиска конвенција на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) во Штутгарт. Покраинскиот огранок на ЦДУ во Шлезвиг-Холштајн веќе предложи измена на законската регулатива што би овозможила забрана на социјалните мрежи за деца под 14 години и строга контрола на пристапот за малолетници под 16 години.

Предлогот доаѓа во контекст на пошироки европски дебати за влијанието на дигиталните платформи врз менталното здравје и развојот на младите.

Останува да се види дали иницијативата ќе добие поширока политичка поддршка и ќе биде преточена во конкретен законски предлог во германскиот парламент.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни