Менталното здравје на младите во Европа сè полошо – девојчињата најпогодени

Проблемите со менталното здравје стануваат сè посериозна криза меѓу децата и тинејџерите ширум Европа, додека стручната поддршка драстично недостасува.

Според најновиот извештај на Светската здравствена организација (СЗО), еден од седум Европјани помлади од 20 години се соочува со проблеми со менталното здравје, пораст од една третина во последните 15 години, пренесува Euronews.

Девојчињата се најпогодени

Особено алармантни се податоците за девојчињата: една од четири, на возраст од 15 до 19 години, пријавува проблеми со ментално здравје. На растечката загриженост придонесуваат повеќе фактори, меѓу кои социјалната изолација, пандемијата на COVID-19, актуелните геополитички конфликти и социоекономската нестабилност.

Анализата покажува и големи разлики меѓу државите. Тинејџерите на Фарските Острови, Исланд и Данска имаат најдобро ментално благосостојба, додека најлошо рангирани се младите во Украина, Кипар и Полска.

Недостаток од стручна поддршка

Извештајот на СЗО потенцира дека пристапот до професионална помош е сериозен проблем низ целиот континент. Околу една четвртина европски земји немаат организирани услуги за ментално здравје на младите во заедницата, а една од пет држави нема ни воспоставена посебна политика за ментално здравје.

„Овој извештај е повик за будење“, изјави д-р Жоао Бреда, експерт за безбедност на пациенти и квалитет на здравствена грижа во СЗО. „Секое дете и млад човек има право на поддршка и квалитетна ментална здравствена грижа“, додаде тој.

Повик за итна акција

Ова е прв извештај што сеопфатно ги собира податоците за менталното здравје на децата и младите во европскиот регион на СЗО, кој опфаќа 53 земји во Европа и централна Азија. Во него се нагласува итната потреба од подобрување на персонализираната грижа, особено во услови кога младите сè повеќе се свртуваат кон вештачка интелигенција и chatbot-ови како емоционална поддршка – што понекогаш води и до трагични последици.

СЗО ги повика земјите да преземат итни чекори за зајакнување на менталното здравје на младите, вклучително и поголеми инвестиции во услуги за ментално здравје и прилагодување на програмите според реалните потреби на новите генерации. „Делувајќи сега, земјите можат да изградат отпорни системи кои ќе им помогнат на идните генерации да напредуваат“, заклучи Бреда.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни