Поткастот „Како си?“ организира поткаст во живо посветен на менталното здравје во спортот, каде ќе во фокус ќе биде разговор за психолошките предизвици со кои се соочуваат спортистите, тренерите и останатите учесници во спортот.
Настанот ќе се одржи на 26 март во 19:15 часот, во Сала 8 во Cineplexx во Сити мол, а влезот е слободен за сите заинтересирани.
Настанот ќе биде во формат на поткаст во живо, каде домаќинот Ѓорги Георгиев и неговите гости ќе зборуваат за теми како што се притисокот од очекувањата, анксиозноста пред и после натпреварите, односите тренер–играч, падот на мотивацијата, како и важноста на менталната подготовка и спортската психологија.
Гости на настанот се: Васко Атанасов, кошаркарски тренер во МЗТ Скопје; Иван Трпчевски, четирикратен шампион во триатлон и ко-основач на АТГ Македонија; Дора Попова Узуновски, психолог и психотерапевт и Дариjан Трајанов, магистер по јавно здравје
Преку нивните искуства и професионални перспективи, публиката ќе има можност да добие подлабоко разбирање за тоа како менталното здравје влијае врз перформансот, развојот и благосостојбата на спортистите.
Настанот воедно ќе биде и претставување на новата платформа 3D Спорт, која ја промовира идејата дека спортот не е еднодимензионален, туку се развива низ три клучни димензии: ум, тело и срце. Овој пристап ја нагласува важноста на холистичкиот развој на спортистот – не само физички, туку и ментално и карактерно.
„Целта на овој настан е да поттикнеме отворен разговор за менталната страна на спортот, тема која често останува во сенка. Веруваме дека вистинскиот успех во спортот доаѓа кога спортистите се развиваат во сите три димензии – умот, телото и срцето,“ вели Георгиев, автор и домаќин на поткастот.
Настанот е отворен за спортисти, тренери, родители, студенти и сите кои се заинтересирани за психологијата на спортот и личниот развој преку спорт.