Ако некогаш сте помислиле дека e „предоцна“ за нова кариера, ново хоби или интелектуален предизвик – науката носи охрабрувачка порака. Ново истражување покажува дека човечкиот ум го достигнува својот ментален врв помеѓу 55 и 60 години, значително подоцна отколку што долго време се веруваше.
Иако претходните научни истражувања укажуваа дека физичките способности на човекот кулминираат во дваесеттите или раните триесетти години, истражувачи од Австралија утврдиле дека психолошките и когнитивните способности продолжуваат да се подобруваат со возраста.
„Иако одредени способности со текот на времето опаѓаат, тие се надоместуваат со раст на други клучни карактеристики“, вели професорот по психологија на Универзитетот во Западна Австралија, Жил Жињак, коавтор на студијата. „Заедно, овие квалитети овозможуваат подобра проценка и поодмерено донесување одлуки – способности кои се особено важни на повисоки нивоа на одговорност.“
Истражувањето, објавено во научното списание „Интелигенс“, анализирало 16 основни психолошки карактеристики. Тие вклучувале когнитивни способности како расудување и меморија, но и таканаречените „големи пет“ особини на личноста: отвореност, совесност, екстраверзија, прифатливост и невротицизам.
Истражувачите користеле постоечки бази на податоци за да ги следат промените на овие карактеристики низ целиот животен век. Резултатите покажале јасен образец: целокупното ментално функционирање го достигнува својот врв помеѓу 55 и 60 години, по што започнува постепено опаѓање околу 65-тата година. По 75-тата година, тоа опаѓање станува поизразено.
Интересно е што одредени особини го достигнуваат својот максимум уште подоцна. Совесноста, на пример, го достигнува врвот околу 65 години, додека емоционалната стабилност дури околу 75 години.
Овие наоди се надоврзуваат на сè поголем број истражувања кои ја побиваат старата претпоставка дека когнитивните способности врват во дваесеттите години, а потоа неминовно опаѓаат. Напротив, мозокот продолжува да се менува и развива низ целиот живот, иако различни функции се развиваат со различно темпо.
Сепак, научниците предупредуваат дека е тешко да се утврди еден универзален „ментален врв“. „Тешко е да се одлучи кои аспекти на когницијата се најважни“, вели истражувачот од Универзитетот во Хајделберг, Миша фон Краузе. „Нивната релативна важност во голема мера зависи од контекстот и од прашањето што се истражува.“
Во студија од 2022 година, објавена во списанието „Нејчр Хјуман Бихејвиор“, фон Краузе користел време на реакција и голема онлајн база на податоци со повеќе од еден милион учесници за да ја измери менталната брзина низ различни возрасни групи. Резултатите покажале дека одредени когнитивни функции започнуваат да се забавуваат дури по 60-тата година.
„Во голем дел од човечкиот животен век, особено во периодот од 20 до 65 години, брзината на реакција се намалува, но тоа не значи нужно пад на менталната ефикасност“, објаснува фон Краузе.
Спротивно на тоа, студија од 2020 година која ја анализирала менталната изведба на професионални шахисти покажала дека нивниот когнитивен врв се достигнува порано – помеѓу 35 и 40 години. „Квалитетот на потезите расте со возраста до одредена точка, а потоа започнува постепено да опаѓа“, вели авторот на студијата, професорот Ентони Стритметер од Универзитетот за далечинско образование во Швајцарија.
Сепак, истражувачите нагласуваат дека овие резултати не можат да се генерализираат за целокупното население.
Заклучокот е јасен: возраста сама по себе не е мерка за интелектуалната способност. „Годините не ја одредуваат целокупната когнитивна функција“, нагласува Жињак. „Затоа, проценките треба да се базираат на реалните способности и карактеристики на поединецот, а не на претпоставки поврзани со возраста.“
