Драги жени, дали сте подготвени за перименопауза и менопауза?
Без разлика на вашите години – дали веќе сте го поминале овој период, сте во него или само ви претстои – знаењето и поддршката се клучни за полесно справување со сите промени што доаѓаат. За жал, темата за перименопауза и менопауза сè уште останува недоволно застапена во јавноста, а токму затоа е потребно да се покрене искрен разговор за сè што подразбира овој природен премин.
Имате ли доволно информации?
Многу жени не се ни свесни за првите симптоми на перименопауза. Горешките, наглите промени во расположението, проблемите со спиењето, нередовните менструации – сите овие „изненадувања“ често носат непотребен стрес и паника, особено ако не сте доволно информирани. Затоа е важно што повеќе да се зборува на оваа тема, да се сподели искуството, да се слушнат туѓите приказни за да се ослободиме од чувството дека „сме сами“ во овие промени.
Взаемната поддршка е многу важен факор. Кога знаете дека и други жени околу вас минуваат низ слични предизвици, ќе бидете поистрајни да барате совети, стручна помош или едноставно, малку разбирање од блиските. Од друга страна, информираноста е клучна во овој период. Колку повеќе научиме за перименопауза и менопауза, толку полесно ќе го препознаеме и управуваме со секој симптом, наместо да се плашиме од неизвесноста.
Отворен повик до сите генерации
До жените во 40-те: Размислете за вашите први промени. Дали побаравте совет од гинеколог, психолог или од пријателка што веќе минала низ ова?
До жените во 50-те и 60-те: Кое е вашето искуство и какви препораки би им дале на помладите генерации? Дали сметате дека денес има доволно достапни информации за менопаузата или сè уште постојат табуа?
До помладите жени: Знаете ли дека хормонските промени може да започнат и неколку години пред последната менструација? Добро би било навреме да се информирате, за да се подготвите и без страв да ги дочекате следните фази од животот.
Како да ги прекинеме табуата?
Пред се, иницирајте разговор. Поставете прашања и бидете отворени да слушнете за искуства од помошни групи, медиуми или семејството. Споделувајте информации. Ако сте пронашле добра статија, видео или подкаст за менопаузата, споделете го со вашите пријателки.
Барајте стручна поддршка. Не мора да чекате да наидат неподносливи симптоми. Гинекологот или ендокринологот се тука да ве информираат и да ви помогнат да ги најдете соодветните решенија.
Секоја жена заслужува да биде слушната, разбрана и соодветно информирана. Mенопаузата не треба да биде „премолчена“ етапа што ја доживуваат милиони ширум светот. Со заеднички глас, можaт да се урнат табуата и перименопаузата и менопаузата да бидат природни и отворени теми.