Memento Mori од мултимедијалниот уметник Страхил Петровски во Куманово

Во Уметничката галерија во Куманово вечерва во 20 часот ќе биде отворен мултимедијалниот проект Memento Mori од уметникот Страхил Петровски. Тој ќе изложи фотографска и видеоинсталација која отвора повеќе прашања и нуди различни толкувања на размислите кои се однесуваат на егзистенцијалното, позиционирајќи се себеси како автор и ангажиран критичар на реалноста на современото општество.

– Идејата има длабока стратиграфија, а јасен и концизен концепт. Поставката е чиста во минималистички дух, транспарентна и едноставно читлива. Во овој проект експериментирам и се изразувам преку фотографијата како медиум – движење, замрзнати кадри, мултипликација, дисторзија, текстови и бројки… Фотографијата станува критичар на општеството, претставувајќи го секојдневниот живот на човекот, ја критикува реалноста или се потсмева, сугерира или дедуцира. Тишината која преовладува во меланхоличните урбани (улични) фотографии во кои се фокусирам на прекршени кадри, ја претставувам превртената реалност во која човекот како да има секундарна позиција. Контрапункт на оваа тишина е видеото во кое е содржана целата хистерија и хаос на кои индивидуата е константно подложена – објаснува Петровски.

Страхил Петровски (1974, Куманово) е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Дипломирал сликарство во 1997 година во класата на проф. Родољуб Анастасов на Факултет за ликовни уметности во Скопје, каде во 2000 година завршил постдипломски студии. Од 2000 до 2002 година работи како надворешен соработник демонстратор по предметот Сликарска технологија и сликарски техники, кај проф. Момчило Петровски и проф. Вело Ташовски, на ФЛУ во Скопје, а од 2002 до 2010 година хонорарно е ангажиран во Националниот конзерваторски центар како надворешен соработник-конзерватор во лабораторијата за конзервација и реставрација на икони. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.

Член е на ДЛУМ од 1997 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. Работи како советник конзерватор-реставратор во Националниот конзерваторски центар и како доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет, Скопје. Реализирал дваесетина самостојни изложби во земјава и во странство, а учествувал на многу групни претставувања.

Најново

Последни колумни