Мелони: Италија ќе ја признае Палестина под одредени услови

Џорџа Мелони вели дека Италија ќе ја признае Палестина кога ќе бидат ослободени сите заложници и Хамас повеќе нема да биде дел од власта.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави денеска на прес-конференција на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк дека Италија ќе ја признае Палестина кога ќе бидат ослободени сите израелски заложници и кога Хамас повеќе нема да има никаква улога во управувањето.

„Сѐ уште сметам дека признавањето на Палестина не го решава проблемот и не носи конкретни резултати ако таа држава не ги исполнува условите за суверенитет. Велат дека признавањето на Палестина може да биде ефикасно средство за политички притисок – и тоа го разбирам – но мораме да се запрашаме врз кого треба да се врши притисок. Јас мислам дека тоа е Хамас, кој го започна овој војна и ја спречува да заврши одбивајќи да ги врати заложниците“, рече Мелони, пренесе агенцијата Ansa.

Таа потенцираше дека сите држави кои последниве денови ја признаа Палестина исто така нагласиле дека сите заложници мора да бидат ослободени и дека Хамас не смее да учествува во власта.

„Јас не сум против признавањето на Палестина, но мораме да поставиме приоритети. Се надевам дека со тоа ќе се согласат и опозицијата и сите луѓе со здрав разум“, додаде Мелони.

Реакција од опозицијата

На нејзината изјава реагираше лидерот на Движењето Пет ѕвезди, Џузепе Конте, кој изјави дека:

Условеното признавање на Палестина е бедно оправдување кое го потврдува кукавичлукот на владата.

Тој додаде:

„Зошто Италија не може да ѝ се приклучи на групата од над 150 земји кои веќе ја признаа Палестина? Тоа е лицемерие на нашата влада која и понатаму стои на страната на Нетанјаху.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни