Италијанската премиерка, Ѓорѓа Мелони, му подарила на британскиот крал Чарлс III персонализирана тегла нутела со неговото име испишано со златни букви, пренесува италијанската агенција ANSA.
Чарлс го добил овој познат намаз од лешници за време на состанокот во средата, за време на неговата посета на Италија.
ANSA пишува дека уште една тегла нутела со персонализирана етикета била подарена и на Камила.
„Корисен подарок за уживање на софата во дождливи денови“, напишала Мелони во пораката која ги придружувала подароците.
Токму за време на тро-дневната посета на Италија, британскиот крал и кралицата се сретнале со италијанскиот претседател Серџо Матарела, премиерката Мелони, папата Франциско, а Чарлс одржал говор во италијанскиот парламент.
Тие го посетиле и гробот на Данте во Равена, каде што престојувале по повод 80-годишнината од ослободувањето на тој дел од Италија.
Во текот на посетата на Италија, Чарлс и Камила ја одбележале и 20-годишнината од нивниот брак.