Здружението за развој на урбана култура и актуелизација на простор МЕЛЕЕМ-Скопје, на својот инстаграм профил напиша дека, за пешаците, булеварот „Партизански одреди“ претставува ‘еден опасен пресек на градот’.
„Тој иако е брза коловозница која што го поврзува центарот со Тетово и Охрид. Заради неговата екстремно права природа, автомобилите земаат сила да возат побрзо од што е дозволено. Особено на влезот во Карпош 4. Дополнително на ова, се фактите дека овој булевар не е опремен со камери за контролирање на брзината, или полицајци кои секојдневно ќе пишуваат казни“, објави МЕЛЕЕМ.
Од таму посочуваат дека, од инфраструктурен планерски аспект постојат мерки кои можат да се превземат, односно кои можат да придонесат за поголема безбедност.
„Еден од начините е да се проектираат пешачки мостови. Преминот кај Универзална е критичен заради повеќе работи, близината на Архитектонски факултет, Дебар Маало – кафулиња и Силбо, единствена рута до Градски Парк. Заради овие четири атрактори група млади луѓе преминува по овој премин и многу често навечер се групира во толпи. Ова ја прави оваа точка уште поопасна. Пешачкиот мост е само отворен предлог, но за да тој биде функционален мора:
-да не е покриен како неуспешниот пример Влајко,
-да нема скали за пристап туку доооолги и пријатни рампи,
-да биде проектиран на конкурс каде многу архитекти ќе даваат идеи,
-да се врзе со Универзална сала што може да стане нов културен простор во комбинација со зеленило
Сепак ова е предлог за проблем кој очигледно постои, на овој предлог може да се додадат уште многу други предлози за и против. Земете го овој предлог со своја критичка опсервација.
Предлогот на Здружението за развој на урбана култура и актуелизација на простор МЕЛЕЕМ-Скопје, доаѓа во време кога завчера на „Партизанска“, беше прегазена 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино. Пред три години на истиот булевар беше прегазена и Викторија Николова, од Радовиш.