Американската прва дама Меланија Трамп ќе претседава со состанокот на Советот за безбедност на Обединетите нации за четири дена, кога Соединетите Американски Држави ќе го преземат ротирачкото претседателство со ова тело, соопшти Белата куќа.
Според најавите, Меланија Трамп на состанокот ќе го истакне значењето на образованието како средство за поттикнување толеранција и светски мир. Ова ќе биде првпат сопруга на актуелен американски претседател да претседава со Советот за безбедност, кој брои 15 земји членки, соопшти кабинетот на првата дама.
Американскиот претседател Доналд Трамп уште од својот прв мандат отворено ги критикуваше Обединетите нации, оценувајќи ја организацијата како неефикасна и потребна од реформи.
Сепак, во последниот период Трамп испрати поумерени пораки. На состанокот на неговиот Одбор за мир, иницијатива чија цел, според него, е решавање на глобалните конфликти, тој изјави дека телото ќе придонесе за подобро функционирање на ОН. Иако дел од светските лидери ја пречекаа иницијативата со скепса, Трамп нагласи дека САД ќе помогнат во зајакнување на инфраструктурата и одржливоста на организацијата.