Првата дама на САД, Меланија Трамп, повторно го привлече вниманието на јавноста, откако беше најавено дека свечената облека што ја носеше на инаугурацискиот бал по заклетвата на нејзиниот сопруг Доналд Трамп ќе биде донирана во музејот Smithsonian Institution. Фустанот официјално ќе стане дел од колекцијата на Галеријата на првите дами при Националниот музеј на американската историја.
Станува збор за црно-бел фустан без прерамки, дело на модниот креатор Herve Pierre, кој со години соработува со Меланија Трамп. Облеката веќе предизвика интерес во јавноста, особено поради нејзиниот елегантен и минималистички дизајн, а сега ќе биде трајно зачувана како дел од историската модна архива.
Овој фустан не треба да се меша со креацијата што Меланија ја носеше на самата заклетва за вториот претседателски мандат, кога вниманието го привлече и впечатливата шапка со широк обод, изработена од дизајнерот Eric Javits.
Меланија Трамп и претходно донираше свечена облека во Смитсонијан. Во 2017 година таа подари жолтеникав фустан, исто така креиран од Пјер, кој го носеше на инаугурацискиот бал по првата заклетва на Доналд Трамп. Со тоа таа ја продолжи традицијата што датира од почетокот на 20 век, кога Хелен Тафт, сопругата на претседателот Вилијам Хауард Тафт, ја донираше својата балска облека во 1909 година.
Колекцијата на Галеријата на првите дами денес опфаќа околу илјада предмети, вклучувајќи свечени фустани и лични предмети, кои сведочат за историјата, стилот и јавната улога на американските први дами низ децениите.