На својата официјална веб-страница, Си-Ен-Ен објави документ испратен до нив од издавачот „Скајхорс Паблишинг“, со наслов Договор за доверливост и тајност на податоци. Во него се наведени строги услови за интервју и користење на материјал од мемоарите, кои ќе бидат пуштени во продажба на 8 октомври. Дополнително, во договорот стои дека „Си-Ен-Ен ќе плати такса од 250.000 долари“.
Си-Ен-Ен, сепак, одбиле да го потпишат тој договор и решиле транспарентно да им го покажат на милиони луѓе ширум светот. Но, тогаш започнува пресвртот.
Неколку дена подоцна, откако друг репортер на Си-Ен-Ен испрати барање до издавачката куќа „Скајхорс“ за превисоката цена за интервју, издавачот рекол дека барањето за плаќање било испратено – по грешка.
„Ниту Меланија, ниту некој од нејзиниот тим не знаеше ништо за договорот за необјавување, а документот што беше испратен одразува внатрешна погрешна комуникација. Доколку Си-Ен-Ен се потпишеше, во нормалниот тек на бизнисот ќе контактиравме со тимот на Меланија за да преговараме за деталите од интервјуто“, изјави за Си-Ен-Ен, Тони Лајонс, претседател и извршен директор на издавачката куќа „Скајхорс“.
Плаќањето на јавни личности за интервјуа, особено кога станува збор за сопружници на политички кандидати, не е нешто што редакциите го одобруваат и во повеќето случаи, имаат строги упатства против таквите практики.
„Ниту една поранешна прва дама никогаш не го направила тоа“, вели Кејт Андерсон Брауер, авторка на „Први дами: благодатта и моќта на модерните први дами на Америка“.
Покрај парите барани за интервјуто, од репортерот на Си-Ен-Ен што би го правел интервјуто се бараше да потпише договор, чиешто прекршување ќе и даде право на Меланија или нејзиниот издавач на „отштета од 100.000 долари“.
И додека Си-Ен-Ен ја одби поранешната прва дама за сè, Меланија сепак се согласи на второ телевизиско интервју, со Фокс њуз, што беше нејзино прво интервју во последните две години.
Портпаролот на Фокс њуз изјави за Си-Ен-Ен дека тие не платиле никакви такси за интервјуто и фотографиите на Меланија Трамп.