Мексико распореди 9.500 војници по убиството на Ел Менчо

Бран насилства во најмалку 20 сојузни држави по ликвидацијата на водачот на картелот Халиско Нова генерација
Foto: DEA, X

Мексиканските власти распоредија илјадници војници низ западниот дел од земјата по избувнувањето на насилства по убиството на наркобосот Немесио Осегуера Сервантес, познат како Ел Менчо. Нереди беа регистрирани во најмалку 20 сојузни држави по операцијата за негово апсење, соопштија официјалните лица.

Според мексиканското Министерство за одбрана, дополнителни 2.500 војници се распоредени во западно Мексико, со што вкупниот број на ангажирани безбедносни сили од неделата достигна 9.500.

Ел Менчо беше водач на картелот Халиско Нова генерација, една од најмоќните криминални организации во земјата. Тој важеше за еден од најбараните наркобосови во Мексико, а САД имаа распишано награда од 15 милиони долари за информации што би довеле до негово фаќање.

Операцијата за негово апсење ја спровела мексиканската армија со поддршка на Националната гарда и воздухопловните сили. Од Министерството за одбрана информираа дека разузнавачки информации добиени од САД помогнале во лоцирањето на Осегуера, но дека американски сили не учествувале во акцијата на терен.

Според изјавите на министерот за одбрана Рикардо Тревиља, Осегуера бил лоциран по следење на негова блиска партнерка со која требало да се сретне.

По неговата смрт, припадници на картелот започнаа одмазднички напади во повеќе градови каде што организацијата е активна. Блокирани беа патишта со запалени возила, а во дел од градовите беа оштетени банки и деловни објекти.

Во досегашните насилства загинаа најмалку 62 лица, меѓу кои и 25 припадници на Националната гарда.

Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум изјави дека до вчера биле отстранети сите блокади и дека безбедносните сили воспоставиле контрола. Таа нагласи дека постои координација меѓу владата и вооружените сили во справувањето со кризата.

Безбедносните сили продолжуваат со засилено присуство во погодените региони со цел да се спречат нови напади и да се стабилизира ситуацијата. Властите најавуваат дополнителни мерки доколку насилствата продолжат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни