Мексико очекува нова војна за превласт во картелите по ликвидацијата на Ел Менчо

Ликвидацијата на водачот на картелот од Халиско, Немесио Осегера Сервантес – Ел Менчо, може да предизвика нов бран насилство низ Мексико
Foto: DEA, X

По ликвидацијата на водачот на Картелот од Нова генерација Халиско (CJNG), Немесио Осегера Сервантес, познат како Ел Менчо, од страна на мексиканските безбедносни сили во неделата, што предизвика бран насилство и хаос во повеќе градови низ земјата, клучното прашање, според „Њујорк тајмс“, е дали картелот брзо ќе се консолидира, ќе именува наследник и ќе го зачува единството, или му се заканува внатрешен раскол и борба меѓу фракциите за превласт.

Истовремено, весникот наведува дека мексиканската влада се соочува со предизвик да води војна на два фронта, бидејќи паралелно води крвав судир и со картелот Синалоа, најголемиот ривал на групата од Халиско.

Картелот од Нова генерација Халиско се опишува како глобална криминална организација која, покрај трговијата со дрога ширум светот, одгледува авокадо, криумчари мигранти во Соединетите Американски Држави – дури и од Кина – и учествува во нелегално ископување злато во Јужна Америка.

Експертот за безбедност Едуардо Гереро оцени дека убиството на Ел Менчо е „најважниот удар врз трговијата со дрога во Мексико откако таа постои“, истакнувајќи дека ниту една претходна организација немала таква територијална контрола и политичко влијание како овој картел. Сепак, аналитичарите сметаат дека тоа веројатно не значи и крај на самата организација.

Повеќето мексикански картели имаат династички карактер, изјави за „Њујорк тајмс“ безбедносниот консултант Давид Сауседо, а најбезболни смени на врвот се случуваат кога власта останува во семејството. Меѓутоа, неколку браќа на Осегера се уапсени, како и неговиот син, кој беше еден од главните команданти на картелот од Халиско сè до екстрадицијата во САД во 2020 година.

Росалинда Гонсалес Валенсија, вдовицата на Осегера, би можела да се обиде да го преземе водството – таа е ќерка на наркобос и една од најважните финансиски оперативци на картелот – но шансите за нејзино издигнување се мали.

„Во средина исполнета со мачизам, на жена ѝ е тешко да ја преземе командата над криминална организација во Мексико“, изјави Сауседо.

Доколку избие борба за контрола врз Картелот од Нова генерација Халиско, бран на насилство би можел да се прошири низ целата земја.

Осегера Сервантес, поранешен полицаец, го изгради картелот од Халиско во една од најстрашните криминални организации во земјата, чија бруталност се издвојуваше дури и во мексиканскиот контекст обележан со обезглавувања, распарчување тела и обесени лешеви на мостови. Картелот стана еден од најголемите светски дилери на кокаин и најголем трговец со метамфетамин, додека главно се држеше подалеку од пазарот на фентанил. Во исто време, склучуваше сојузи ширум светот, соработувајќи со банди дури и во Африка и Австралија за да го прошири своето влијание.

Според американскиот Стејт департмент, групата има контакти во повеќе од 40 земји, вклучително и во Кина и Југоисточна Азија.

Американската ДЕА наведува дека бандата е организирана како франшиза, а според Едуардо Гереро, директор на мексиканската консултантска куќа „Lantia Intelligence“, ја сочинуваат околу 90 организации.

„Таквата фрагментација значи дека ќе биде потребна посложена и пософистицирана стратегија за тие да се ослабнат и разбијат“, изјави Гереро претходно годинава за CNN.

Според американски претставници на кои се повикува „Њујорк тајмс“, се појавиле докази дека картелот неодамна почнал да навлегува и на пазарот на фентанил, со кој традиционално доминираше картелот Синалоа.

Ликвидацијата на Осегера во неделата ги изненади безбедносните аналитичари и дипломати, кои сметаа дека мексиканската влада е премногу фокусирана на пресметката со картелот Синалоа за да отвори втор фронт. Овие два картели важат за најмоќни во земјата, со вооружување и човечки ресурси што често ги надминуваат капацитетите на државата. Претседателката Клаудија Шејнбаум сега би можела да се соочи со едно од најнасилните и најзначајните поглавја во поновата историја на Мексико.

Нејзиниот претходник, Андрес Мануел Лопес Обрадор, одбиваше директна конфронтација со картелите, спроведувајќи политика што ја нарекуваше „прегратки, а не куршуми“. Таа подразбираше зголемени вложувања во социјални програми со цел припадниците на картелите да се одвратат од криминални активности. Стратегијата не даде резултати – насилството нагло порасна за време на неговиот мандат, а картелите ја проширија контролата врз дополнителни територии.

Кога Клаудија Шејнбаум ја презеде функцијата кон крајот на 2024 година, распореди стотици војници во сојузната држава Синалоа, која беше погодена од внатрешни конфликти откако САД, непосредно пред нејзиниот избор, уапсија еден од водечките лидери на тој картел.

Фокусот на мексиканската влада врз Синалоа одеше во прилог на Картелот од Нова генерација Халиско, кој во меѓувреме ја прошири својата територија и ги зајакна редовите.

Се чини дека владата ги поделила операциите меѓу безбедносните сили. Министерот за безбедност Омар Гарсија Харфуч ја предводи борбата против картелот Синалоа, додека армијата ја водеше операцијата во која беше убиен Осегера.

Аналитичарите нагласуваат дека, иако падот на лидерите привлекува најголемо внимание, клучно е разбивањето на средниот команден слој, кој го поврзува врвот на организацијата со извршителите на терен, користејќи локално знаење за регрутација и спроведување стратегии.

Диего Молано Апонте, поранешен министер за одбрана на Колумбија (2021–2022), изјави дека криминалните организации можат да се разбијат само со сеопфатен удар врз целата структура. „Кога сакате да ги демонтирате овие организации, мора да одите по кралот, да ги разбиете нивните нелегални финансиски текови и да погодите повеќе актери на сите нивоа од командниот синџир“, изјави Молано.

Откако САД пред речиси шест децении ја започнаа војната против дрогата, бројни наркобосови беа уапсени или убиени, а некои картели беа разбиени.

Сепак, бројот на луѓе кои користат наркотици ширум светот никогаш не бил поголем. Според извештај на Обединетите нации објавен минатата година, се проценува дека во 2023 година околу 25 милиони луѓе ширум светот користеле кокаин, во споредба со 17 милиони пред десет години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни