Шејнбаум: Мексико има право да ја снабдува Куба со гориво

Мексиканската претседателка вели дека одлуката за евентуални испораки ќе се носи во контекст на хуманитарна помош, додека интерес за купување нафта веќе покажале и приватни компании од Куба.

Претседателката на Мексико, Клаудија Шејнбаум, денеска изјави дека таа земја има целосно право да ја снабдува Куба со гориво, било од хуманитарни или од комерцијални причини.

Нејзините изјави следуваат еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп го ублажи ставот во врска со блокадата на испораките на нафта кон овој карипски остров, пренесува Ројтерс.

„Мексиканската влада секогаш се стреми кон обезбедување хуманитарна помош и во тој контекст ќе донесе одлука“, изјави Шејнбаум на редовната прес-конференција, одговарајќи на прашање за можни испораки на гориво за Куба.

Таа не прецизираше кога би можела да биде донесена таква одлука. Шејнбаум наведе и дека приватни компании во Куба, вклучително и хотели, покажале интерес за купување нафта од мексиканската државна енергетска компанија Pemex.

Рускиот танкер „Анатолиј Колодкин“, кој превезува хуманитарен товар од 100.000 тони нафта, пристигнал во Куба и се очекува да биде истоварен во пристаништето Матансас, соопшти денеска Министерството за сообраќај на Русија.

Соединетите Американски Држави му дозволиле на рускиот танкер со нафта да ѝ се приближи на Куба, а американската крајбрежна стража не добила наредба да го пресретне бродот, иако во регионот располага со пловила способни за таква операција.

Со тоа е избегната можна директна конфронтација со Русија во близина на американскиот брег.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни