Многумина забележуваат дека облеката по перење изгледа чисто, но кога ќе се исуши станува крута, а пешкирите губат мекост.
Причината, според експертите за домаќинство, често е изненадувачки едноставна – премногу прашок за перење.
Австралиската експертка за домаќинство Шенон Лаш објаснува дека детергентите содржат состојки базирани на масти. Кога се користат во големи количини, тие се задржуваат во ткаенината и по сушењето ја прават груба.
Таа го споредува овој процес со путер кој се топи на жешка тава, а потоа повторно се стврднува кога ќе се олади. Слично се случува и со остатоците од детергентот во влакната на ткаенината.
Затоа експертите советуваат да се користи значително помала количина прашок од препорачаното. Кај машините со предно полнење доволна е околу една осмина од стандардната доза, а кај машините со горно полнење околу една четвртина.
Освен намалувањето на прашокот, постои и едноставен трик што може да помогне облеката да биде помека. Во делот за детергент може да се додадат две лажици сода бикарбона и малку бел оцет.
Овие состојки помагаат да се отстранат остатоците од детергент, ја омекнуваат ткаенината и го освежуваат мирисот на облеката.
Интересно е што експертите советуваат и да се избегнува прекумерна употреба на омекнувач. Иако на почеток создава чувство на мекост, со текот на времето може да остави слој на ткаенината што ја прави потешка и побавно се суши.
Ако користите машина за сушење, уште еден трик е да ставите чиста памучна крпа заедно со облеката. Таа ќе ја впие вишокот влага и може да помогне алиштата да се исушат побрзо.
На крај, експертите велат дека не е потребно да се менува целиот начин на перење. Понекогаш доволни се помалку прашок и неколку природни состојки за облеката повторно да биде мека и пријатна на допир.