Во рамки на подготовките за 23. Меѓународен стрип салон „Велес 2026“, кој се смета за најзначајната стрип манифестација во Македонија, е распишан меѓународен конкурс за стрип на кој право на учество имаат автори од целиот свет. Конкурсот е дел од традиционалните активности на Салонот и се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Општина Велес.
На конкурсот можат да учествуваат автори без ограничување на возраст или пол. Пријавените стрипови треба да бидат со должина од една до шест табли во формат А4, а доколку се испраќаат електронски треба да бидат со минимална резолуција од 300 dpi. Во случај стрипот да е изработен на една страница, потребно е да содржи најмалку три сликички.
Темата на стриповите е слободна, со исклучок за учениците од основното и средното образование, кои треба да се консултираат со своите училишта околу евентуалната тематика. Секој автор може да учествува со еден стрип, без разлика дали станува збор за цртач, автор на туш или колорист, додека сценаристите имаат можност да изработат сценарио за повеќе стрипови. На еден стрип може да работат и повеќе автори, при што треба да биде наведено кој учествувал во сценариото, цртежот или финалната обработка.
Заедно со стрипот потребно е да се достави и кратка биографија на авторот со фотографија, датум на раѓање, адреса и држава, е-пошта и година на изработка на стрипот. На секој труд треба јасно да бидат наведени имињата на авторите и насловот на стрипот, а трудовите што нема да ги содржат овие информации нема да бидат земени предвид при доделувањето на наградите.
Стриповите од македонски автори ќе имаат предност при оценувањето доколку се изработени на македонски јазик и кирилско писмо. Сите пристигнати дела ќе конкурираат за изложување во рамки на изложбата на Стрип салонот „Велес 2026“, со можност за дополнителна промоција.
Пристигнатите стрипови ќе ги разгледува тричлена комисија која ќе предложи повеќе награди, меѓу кои и првата награда „Златен стрип“ во износ од 300 евра, како и наградите „Сребрен стрип“ и „Бронзен стрип“, кои ќе бидат доделени во согласност со финансиските можности. Ќе бидат доделени и награда за најдобро сценарио, награда за најдобар млад автор до 18 години, како и други специјални признанија.
Рокот за испраќање на стриповите е до 1 август 2026 година. Делата можат да се испратат по пошта на адресата на Стрип центарот на Македонија во Велес, на улица „Васил Ѓоргов“ број 78, или електронски на е-пошта: stripkonkurs@gmail.com