Меѓународниот олимписки комитет му забрани на украински спортист да носи кацига со фотографии од убиени колеги

Меѓународниот олимписки комитет му забрани на украинскиот скелетонаш Владислав Хераскевич да настапи со кацига со фотографии од убиени украински спортисти, повикувајќи се на Олимписката повелба.

Украинскиот скелетонаш Владислав Хераскевич изјави дека Меѓународниот олимписки комитет (МОК) му забранил да носи кацига со фотографии и имиња на украински спортисти кои загинале за време на војната во Украина.

Станува збор за таканаречената „кацига на сеќавањето“, која 27-годишниот Хераскевич ја носел за време на официјален тренинг пред Зимските олимписки игри во Кортина д’Ампецо. На кацигата биле прикажани имињата и фотографиите на украински спортисти кои загинале како последица на руската агресија, меѓу кои и дизачката на тегови Алина Перехудова, боксерот Павло Ишченко, хокеарот Олексиј Логинов, глумецот и спортист Иван Кононенко, нуркачот и тренер Микита Козубенко, стрелецот Олексиј Хабаров и танчерката Дарија Курдел.

Хераскевич, кој беше знаменосец на Украина на свеченото отворање на Игрите, изјави дека за одлуката лично бил информиран од Тошио Цурунага, претставник на МОК задолжен за комуникација со спортистите и националните олимписки комитети.

„Оваа одлука ми го крши срцето“

„Оваа одлука навистина ми го крши срцето. Имам чувство дека МОК ги изневерува спортистите кои беа дел од олимпиското движење, не дозволувајќи да им се оддаде почит на спортските терени на кои тие никогаш повеќе нема да стапнат“, изјави Хераскевич.

Тој додаде дека во минатото биле дозволувани слични гестови, но дека овојпат, според него, биле воведени „посебни правила само за Украина“.

Подоцна, во изјава за Reuters, Хераскевич појасни дека забраната се темели на членот 50 од Олимписката повелба. Според членот 50.2, „не е дозволен никаков облик на демонстрација или политичка, верска или расна пропаганда на олимписките борилишта, објекти или други простори“.

Украинскиот олимписки комитет бара дозвола

Украинскиот олимписки комитет официјално побара од МОК да му дозволи на Хераскевич да настапи со кацигата. Во соопштението се наведува дека таа е изработена исклучиво за да им се оддаде почит на украинските спортисти кои загинале бранејќи ја Украина или станале жртви на руската агресија.

Од Комитетот нагласуваат дека кацигата не содржи политички пораки, рекламирање или дискриминаторска содржина и дека ги исполнува сите безбедносни и технички стандарди.

МОК нуди компромис

Портпаролот на МОК, Марк Адамс, потврди дека барањето е примено, но истакна дека Комитетот и понатаму смета оти кацигата не треба да биде дозволена за натпреварување.

„Целосно ја разбираме желбата на спортистите да се потсетат на пријателите и колегите кои ги загубија животите во конфликтите. Но Олимписките игри мора да останат одвоени од сите форми на политичко, верско или друго влијание, за спортистите да можат да се фокусираат исклучиво на натпреварувањето“, изјави Адамс.

Како компромис, МОК му понуди на украинскиот спортист да носи црна лента околу раката за време на натпреварите, што беше оценето како „соодветен начин за комеморација“.

Зеленски го пофали Хераскевич

Во пресрет на Игрите, Хераскевич најави дека ќе ја искористи спортската сцена за да го потсети светот на војната во Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски јавно го пофали спортистот, заблагодарувајќи му што „ја потсетува светската јавност на цената на украинската борба“.

„Вистината не може да биде прогласена за политичка демонстрација. Ова е потсетник за тоа што е денешна Русија“, порача Зеленски.

Во меѓувреме, МОК одобри учество на 13 руски и седум белоруски спортисти на Зимските олимписки игри во статус на неутрални индивидуални натпреварувачи. Хераскевич и претходно беше во фокусот на јавноста – на Олимписките игри во Пекинг 2022 година тој истакна транспарент со порака „Не на војната во Украина“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни