Денес се одбележува Меѓународниот ден за борба против фашизмот и антисемитизмот, кој е воспоставен во знак на сеќавање на погромот врз еврејската заедница во Германија во ноќта на 9 ноември 1938 година.
Во текот на таа ноќ и раните утрински часови наредниот ден, биле убиени 90 германски Евреи, повеќе од 20.000 биле уапсени и одведени во концентрациони логори, а уништени се 1.574 синагоги, бројни еврејски гробишта и околу 7.000 продавници. Повод за овој масовен злостор бил чин на еден еврејски бегалец во Франција, Хершел Гринспан, кој во огорченост го убил секретарот на германската амбасада во Париз, Ернст фон Рат, поради писмо од роднини кои ја опишувале суровоста на германската депортација на Евреи во Полска во октомври 1938 година.
Погромот врз Евреите бил вовед во подоцнежниот Холокауст, во кој животот го загубиле повеќе од 4,5 милиони луѓе низ Европа. Настанот е запаметен како „Ноќ на кристалот“ поради скршеното стакло на излозите на продавниците на Евреи, кое било расфрлено низ улиците на германските градови. Денес во Германија се користи терминот „Ноќ на погромот“, бидејќи „Ноќта на кристалот“ се смета за премногу евфемистички израз за сторените злосторства.