„Еднаш ме повика докторка на видео-повик,“ раскажува толкувачката Тања Митовска, која секојдневно посредува помеѓу светот на тишината и светот на зборовите. „Гледам дека лицето е глуво, објаснувам дека мора да има превод, а докторката ми вели: ’Во ред е, ќе се разбереме од прилика.’ Тогаш ѝ реков – замислете пациент да е алергичен на терапијата што ја препишувате. Дали здравјето може да се заснова на ’од прилика’? На глувите лица информациите мора да им се дадат на нивниот јазик. Сè друго е ризик.“
Нејзината приказна не е исклучок. Таа е слика на секојдневие во кое глувите лица се оставени сами да навигираат низ институции што не го зборуваат нивниот јазик – ниту буквално, ниту симболично.
Токму затоа, Редакцијата на ТРН го одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост преку фокус на една група чија тишина најчесто останува незабележана во јавниот простор – глувите и наглуви лица.
Меѓународниот ден на лицата со попреченост е воспоставен од Обединетите нации во 1992 година, со цел да ја поттикне свеста за бариерите со кои луѓето со попреченост се соочуваат, и да повика на еднаков пристап во сите сфери од животот.
Ова не е „симболичен“ меѓународен ден. Ова е ден кога преку лични приказни ги идентификуваме системските неправди што не смееме да ги игнорираме, особено затоа што не постои „терапија“ што го решава недостатокот на пристапност – постои само системска волја.
Глувите лица во Македонија: Кога државата молчи, тишината станува опасност

„Знаковниот јазик е природен, полноправен јазик. Пристапот до информации преку знаковен јазик не е луксуз, ниту услуга – тоа е човеково право,“ потенцираат толкувачките Тања Митовска и Јелена Милосвљевиќ во разговор за ТРН.
Кога здравствени установи, институции или медиуми не нудат превод, титл или визуелна поддршка, глувите лица остануваат без информации што се важни за здравјето, безбедноста, образованието и секојдневниот живот воопшто. Овој недостаток не е само административен пропуст – тој директно се коси со основните човекови права и со гаранциите за еднаков пристап до јавни услуги.
Во Македонија има околу 4.000 лица кои активно го користат македонскиот знаковен јазик. Но нивниот пристап до информации е фрагментиран, ограничен и често небезбеден. Иако според законот институциите се должни да обезбедат толкувач, во реалноста ова право постои на хартија, но не и во праксата.
Училиштето како прва бариера, наместо прва шанса
Проблемите почнуваат уште во најраното образование. Градинките речиси никогаш не обезбедуваат стручен кадар или толкувач за децата кои користат знаковен јазик. Родителите се оставени сами да бараат помош, сами да финансираат толкувач, сами да ја пополнат празнината што системот ја игнорира.
Во основното и средното образование, ситуацијата не е значително подобра. Наставните материјали не се адаптирани, нема визуелна поддршка, а многу наставници никогаш не се обучени да комуницираат со дете кое користи знаковен јазик.
Кулминацијата доаѓа на факултетите, каде што системот речиси целосно ги обесхрабрува младите глуви лица да запишат високо образование. Ниту факултетите обезбедуваат толкувачи, ниту наставата е приспособена, ниту постои минимален институционален механизам што ќе ги поддржи.
Бројот на глуви лица со завршен факултет се брои на прсти. Не затоа што тие немаат капацитет – туку затоа што системот не им дозволува да успеат.
Кога здравјето зависи од туѓи претпоставки
Здравјето не трпи импровизација. Кога нема толкувач, секој медицински разговор станува ризик. Наместо точна дијагноза, пациентот може да добие погрешно толкување. Наместо прецизна терапија, може да се даде третман што е опасен или контраиндициран. Клучните објаснувања за лекување, симптоми или несакани реакции често остануваат непојаснети.
Тоа не е обична грешка. Тоа е системска дискриминација.
Недостапни медиуми, недостапна култура, недостапна јавност
Состојбата во медиумите е драматично ограничена: само неколку телевизии нудат вести со толкувач, една емисија на МРТВ и една приватна телевизија кои самостојно го вклучуваат знаковниот јазик. Надвор од изборни периоди пристапноста речиси исчезнува.
Синхронизацијата на ТВ содржините го избриша и еден од ретките форми на пристапност што глувите лица некогаш ја имаа: титлот.
Во кино, театар, концерти, јавни настани – знаковниот јазик не постои. Нема толкувачи, нема титлови, нема визуелни упатства.
Општеството комуницира – но не со сите.
Иницијативите на невладините организации: спас во моментот, но не и системско решение
Во оваа темна реалност, граѓанскиот сектор игра огромна улога. Многу иницијативи, работилници, кампањи и ад-хок поддршки се појавуваат токму затоа што институциите не го прават тоа што треба.
Но колку и да се значајни, тие се привремена интервенција, не долгорочно решение. Одржлив систем не може да зависи од проекти кои завршуваат кога ќе заврши финансирањето.
Државата мора да го преземе товарот на својата обврска.
Што треба да се промени — и зошто тоа е наша заедничка обврска

Иако Законот за употреба на знаковен јазик постои, неговата примена е слаба и нефункционална. Потребни се итни реформи што ќе гарантираат дека пристапноста не е избор, туку задолжителен дел од секоја институција. Толкувачката Јелена Милосвљевиќ истакнува дека многу глуви и наглуви лица се искрено среќни и изненадени кога некој ќе им пристапи за помош — токму затоа што тоа ретко се случува во нашето општество.
Но, иако постојат луѓе и организации што со срце и знаење се борат да помогнат, нивната поддршка не може да биде долгорочно решение, ниту замена за систем што треба да обезбеди еднаквост, а не привремени гестови.
Потребна е ревизија и реформа на законот, јасна стандардизација на македонскиот знаковен јазик, значително зголемување на бројот на толкувачи и задолжителна пристапност во здравството, образованието и јавните услуги. Национален сервис за видео-толкување достапен 24/7 би ја трансформирал секојдневната реалност на илјадници луѓе, конечно овозможувајќи им да го добиваат она што одамна им припаѓа — информации, услуги и безбедност на свој јазик.
Но најважно: глувите лица мора да бидат вклучени во политиките што ги засегаат. Инаку повторно ќе зборуваме за нив – без нив.
Пристапот до информации е човеково право. Недостапноста е општествена слика.
Добивањето на точни, навремени и јасни информации е основно човеково право. Кога една заедница е исклучена, тоа не ја маргинализира само неа туку го разголува вистинскиот капацитет на нашето општество за солидарност, емпатија и праведност.
Начинот на кој ги третираме најневидливите членови зборува повеќе од сите стратегии и говори.
Глувите лица имаат право да го разбираат светот околу себе.
А светот (особено нашиот) има обврска да им го овозможи тоа.
