Меѓународен ден на чистата енергија: Светот произведува 41 % чиста струја – Дали е тоа доволно за спас на планетата?

Колкав дел од светската, европската и македонската енергија доаѓа од обновливи извори и дали е тоа доволна за климатски пресврт?

Во 2025 година, чистите извори на енергија обезбедиле околу 41 % од глобалното производство на електрична енергија, додека обновливите извори сами учествуваат со приближно 32 %. Тоа значи дека речиси една третина од светската струја веќе доаѓа од сонце, ветер и вода, но фосилните горива јаглен, нафта и гас и понатаму остануваат доминантни во вкупната енергетска потрошувачка.

Во Европската Унија, транзицијата оди побрзо: над 25 % од целокупната енергија од 2024 година потекнува од обновливи извори, а во секторот електрична енергија ветерот и соларната енергија за првпат ја надминаа употребата на фосилни горива.

Во Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика (прелиминарни податоци од 2025), уделот на обновлива енергија во конечната потрошувачка е околу 22.1 %. Во 2024 година, околу 40 % од електричната енергија што се консумира во земјата била произведена од обновливи извори како хидро, сонце, ветер. Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика, 55.72 % од капацитетот за производство на електрична енергија во земјата сега доаѓа од обновливи извори (во 2025). Тоа значи дека повеќе од половина од инсталираните капацитети се обновливи

Овие бројки јасно покажуваат: чистата енергија веќе ги заменува фосилните горива, но не доволно брзо.

Енергијата како двоен предизвик: луѓето и планетата

„Енергијата е суштината на два големи предизвици – да обезбедиме правичност за сите и истовремено да ја заштитиме планетата. Чистата енергија е клучот за надминување на двата..“ Оваа порака ја сумира суштината на Меѓународниот ден на чиста енергија, кој се одбележува на 26 јануари.

Иако живееме во технолошки напреден свет, 666 милиони луѓе сѐ уште немаат пристап до електрична енергија, а повеќе од 1,5 милијарди луѓе користат опасни и нездрави начини за готвење, како дрва или животински отпад. Повеќе од 85 % од оние без струја живеат во Супсахарска Африка.

Недостигот од чиста и сигурна енергија директно ги погодува образованието, здравството и економските можности, додека зависноста од фосилни горива го продлабочува сиромаштвото и загадувањето.

Фосилните горива и климатската цена

Производството на енергија е еден од најголемите извори на стакленички гасови во светот. Согорувањето јаглен, нафта и гас создава емисии кои ја „заробуваат“ топлината во атмосферата и ги засилуваат климатските промени.

Науката е јасна, ако сакаме да го ограничиме глобалното затоплување, мора постепено да ја напуштиме зависноста од фосилни горива и да инвестираме во чисти, одржливи и достапни извори на енергија.

На глобално и европско ниво, најзастапени се Хидроенергија која и понатаму најголем поединечен обновлив извор во светот. Ветерна енергија инаку најбрзо растечки извор во Европа, соларна енергија која има драматичен раст поради падот на цените и брзата инсталација, биомаса и биогорива важни за греење и транспорт и реотермална енергија сопомал удел, но голем потенцијал во одредени региони

Во Македонија, хидроенергијата традиционално доминира, но соларните централи се најдинамичниот сегмент во последните години.

Цели до 2030: свет, ЕУ и Македонија

Светот моментално не е на добар пат да ја исполни Целта 7 од Агендата за одржлив развој на ООН (SDG7) – универзален пристап до чиста и прифатлива енергија до 2030 година.

Европската Унија си постави јасна цел а тоа е 42,5 % од вкупната енергија да биде од обновливи извори до 2030 година, при што неколку земји јасно се издвојуваат како лидери во оваа транзиција. Исланд е најистакнат пример, со повеќе од 85 проценти од вкупната финална енергетска потрошувачка покриена од обновливи извори, главно геотермална и хидроенергија. Благодарение на природните ресурси и долгорочните инвестиции, земјата речиси целосно ја елиминираше зависноста од фосилни горива во електроенергетскиот и системот за греење.

Норвешка, иако е значаен извозник на нафта и гас, има исклучително висок удел на обновлива електрична енергија, при што хидроцентралите обезбедуваат речиси целосно домашно производство на струја. Ова ѝ овозможува стабилен и релативно евтин електроенергетски систем, како и напредна електрификација на транспортот. Шведска, пак, комбинира хидроенергија, ветер и биомаса, со над 60 проценти обновлива енергија во вкупниот енергетски микс, поддржана од силна регулаторна рамка и климатски цели поставени на национално ниво.

Значителен напредок бележат и Данска и Финска. Данска е европски и глобален лидер во развојот на ветерната енергија, која учествува со доминантен дел во нејзиното производство на електрична енергија, додека Финска се потпира на биомаса и сè повеќе на ветерни капацитети. Австрија и Португалија, исто така, се меѓу земјите со висок удел на обновливи извори, користејќи комбинација од хидро, соларна и ветерна енергија, при што Португалија во одредени периоди успева целосно да ги задоволи потребите за електрична енергија исклучиво од обновливи извори.

Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, се движи во насока на усогласување со европските политики, преку зголемување на обновливите капацитети, намалување на јагленот и подобрување на енергетската ефикасност.

Зошто чистата енергија е клучна за планетата?

Затоа што обновливите извори емитуваат малку или нула стакленички гасови, го намалуваат воздушното загадување, создаваат нови зелени работни места и ја зголемуваат енергетската безбедност

Во комбинација со енергетска ефикасност има користење помалку енергија за ист резултат и тие се основа за одржлива иднина.

Меѓународниот ден на чиста енергија е прогласен од Генералното собрание на ООН и се одбележува на датумот на основање на IRENA (Меѓународната агенција за обновлива енергија) во 2009 година, институција која игра клучна улога во глобалната енергетска транзиција.

Чистата енергија повеќе не е визија – таа е реалност што веќе ги менува енергетските системи. Но транзицијата мора да биде побрза, поправедна и поинклузивна. Меѓународниот ден на чиста енергија е потсетник дека иднината зависи од изборите што ги правиме денес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни