Меѓуѕвезден посетител на нашиот Сончев систем, кометата 3I/ATLAS, повторно ги збунува научниците. Според најновата анализа, кометата исфрла огромни количини вода, а астрономите засега немаат објаснување за оваа појава, пишува Futurism.
Пред да исчезне зад Сонцето, 3I/ATLAS беше снимен со вселенскиот телескоп на НАСА — Neil Gehrels Swift. Снимките покажуваат силни ултравиолетови емисии, јасен знак за присуство на хидроксилен гас (OH), кој се создава при распаѓање на водата. Овие емисии можат да се набљудуваат само од вселената, бидејќи земјината атмосфера го апсорбира ваквото зрачење.
Истражувањето, објавено во списанието The Astrophysical Journal Letters, покажува дека кометата ослободува водена пареа со брзина од околу 40 килограми во секунда — слично на излезот од силна противпожарна пумпа.
Изненадувачки откритија на голема далечина
Најголемото изненадување е што ова ослободување на вода се случува на тројно поголема далечина од Земјата до Сонцето. Обично, кометите мора да бидат многу поблиску до Сонцето за топлината да предизвика сублимација на мразот од нивната јадра (преод од цврста во гасовита состојба). Тоа значи дека нешто друго предизвикува ослободување вода од 3I/ATLAS, што укажува на значајни резерви на вода во него.
„Порака од друг ѕвезден систем“
„Кога ќе откриеме вода – или дури само слаб ултравиолетов одраз на OH – од меѓуѕвезден комета, ние читаме порака од друг планетарен систем,“ изјави коавторот на студијата Денис Бодевиц, професор по физика на Универзитетот Обурн. „Тоа ни кажува дека состојките за хемија на животот не се уникатни само за нашиот систем.“
Ова е уште еден доказ за фасцинантната природа на меѓуѕвездените објекти. Можеме да ги замислиме како примероци од многу оддалечени места, можеби десетици милиони светлосни години далеку, кои минуваат низ нашето соседство. Нивната различност во споредба со локалните комети покажува колку се уникатни другите ѕвездени системи.
Кома со неочекуван состав
Комата на кометата — големиот облак од гас и прашина кој ѝ дава сјаен изглед — обично се формира кога телото се приближува кон ѕвезда и се загрева. Тогаш топлината го испарува материјалот од јадрото, создавајќи препознатлив опаш. Но, кај 3I/ATLAS, комата веќе покажуваше невообичаено висока содржина на јаглерод диоксид во однос на вода. Причината за ослободувањето на водена пареа сè уште не е разјаснета, но една хипотеза е дека сончевата светлина загрева мали зrnца мраз ослободени од јадрото, кои потоа испаруваат.
Древен патник од срцето на галаксијата
Астрономите веруваат дека 3I/ATLAS потекнува од центарот на Млечниот Пат, од каде веројатно бил избркан поради гравитациски пореметувања. Се проценува дека е стар милијарди години, можеби дури три милијарди постар од нашето Сонце. Тоа го прави не само „фотографија“ од друг дел на галаксијата, туку и сведоштво од сосема различна ера на универзумот.
Во моментов, 3I/ATLAS се наоѓа зад Сонцето и не може да се набљудува од Земјата. Сепак, научниците успеаја да го следат преку вселенски летала во близина на Марс, и очекуваат повторно да биде видлив кон крајот на ноември.
Секој меѓуѕвезден објект е изненадување
„Секој меѓуѕвезден комета досега беше изненадување“, изјави главниот автор Зекси Шинг, повикувајќи се на претходните два откриени објекти. „‘Оумуамуа беше сув, Борисов богат со јаглерод моноксид, а сега ATLAS ослободува вода на растојание каде што тоа не го очекувавме.“
„Секој од нив“, додава Шинг, „ја преработува сликата за тоа како се формираат планети и комети околу ѕвезди.“