Во трагедијата се повредени 119 лица, а 50-ина од нив се префрлени или наскоро ќе бидат префрлени во земјите од ЕУ кои имаат специјализирани центри за изгореници
Бројот на загинати во пожарот што избувна во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана за време на новогодишната ноќ останува 40, но многумина од повредените се во критична состојба. Ова на прес-конференција го соопштија властите на швајцарскиот кантон Вале, каде што е сместен ски-центарот Кран-Монтана.
Во трагедијата се повредени 119 лица, а 50-ина од нив се префрлени или наскоро ќе бидат префрлени во земјите од Европската Унија кои имаат специјализирани центри за изгореници. Дел од пациентите се префрлаат во болниците во Франција, а дел ќе бидат трансферирани во специјализираните центри во Италија.
Командантот на полицијата Фредерик Гислер објави дека 113 од 119 повредени лица се идентификувани, а процесот на идентификација на другите шестмина е сè уште е во тек. Помеѓу идентификуваните повредени лица има 71 швајцарски државјани, 14 Французи, 11 Италијанци, четворица Срби, еден државјанин на Босна и Херцеговина, и по еден белгиски, полски, португалски и еден државјанин на Луксембург.
Шефот на полицијата додаде дека апсолутен приоритет е и идентификација на жртвите.
Точните причини за избувнување на пожарот во барот во швајцарскиот скијачки центар сè уште се испитуваат, но според првичните информации на главната кантонална обвинителка Беатрис Пилу, пожарот избил поради прскалките закачени на шишиња шампањ што гостите ги држеле многу блиску до таванот на барот.
Обвинителката изјави дека се работи за прскалки кои се лесно достапни и дека секој може да има пристап до нив, но дека истрагата треба да покаже дали нивната употреба е соодветна за затворен простор. Дополнително, како што рече, истрагата треба да покаже дали таванот на барот бил во согласност со прописите.
Македонската влада денеска потврди дека во барот во скијачкиот центар Кран-Монтана имало и еден македонски државјанин, но засега нема дополнителни информации за состојбата во која се наоѓа.
По стравотниот пожар, на социјалните мрежи беше објавен апел за помош по исчезнувањето на македонскиот државјанин Стивен Ивановски. Тој, како што е наведено на социјалните мрежи, бил последен пат виден за време на пожарот што избувна на 31 декември во барот во познатиот швајцарски зимски центар.
