Првата детска амбасада во светот Меѓаши на 25 март го одбележа јубилејот, 15 години од Програмата за мировно образование, со настан што ја стави во фокус улогата на училиштата, наставниците и младите во создавањето побезбедна, поинклузивна и похумана заедница.
Одбележувањето се одржа со премиерна проекција на документарниот филм „Гласна тишина“ во режија на Владимир Митревски Ѓуле, а на настанот присуствуваа ученици, наставници, професори, практичари и активисти. Пораката што беше испратена беше јасна: мирот не значи тишина, туку храбра и секојдневна акција.
Настанот послужи и како потсетник дека зад Програмата за мировно образование стојат години посветена работа, но и конкретна мрежа на наставници и ученици кои во училиштата создаваат безбедна и поддржувачка средина. Во таа мрежа, мирот не се третира како апстрактна вредност, туку како практика што се гради преку дијалог, разбирање и почит.
Особено силен впечаток оставиле децата, кои преку својата искреност, креативност и зрелост споделиле идеи и визии за подобра средина за живеење. Нивните размислувања, како што посочуваат од Меѓаши, покажале дека кога младите добиваат простор да се изразат, тие не нудат само ставови, туку и конкретни решенија.
Оттаму порачуваат дека детско-младинското учество не треба да се сфаќа како формалност, туку како суштински дел од креирањето и спроведувањето на мировното образование. Токму преку гласовите на младите, велат, се учи, се насочува процесот и се планираат следните чекори.
Филмот „Гласна тишина“, покрај тоа што бил добро прифатен од публиката, отворил и простор за разговор за врсничкото насилство, менталното здравје и создавањето безбедни училишта и заедници.
Во изминатите 15 години, Програмата за мировно образование опфатила 76 училишта, над 300 наставници и повеќе од 8.000 ученици, при што се градела мрежа на „мировни училишта“ како заедница што учи, се поддржува и расте заедно. Во рамки на програмата континуирано се развива и зајакнува оваа мрежа на образовни институции кои активно ги применуваат вредностите на мирот, ненасилството и почитта во секојдневната работа.
Посебна благодарност од Меѓаши добија и училиштата што активно учествувале во програмата: СУГС „Никола Карев“, ООУ „Рајко Жинзифов“, ООУ „Јашар Беј Шкупи“, ООУ „Јан Амос Коменски“, СУГС „Панче Арсовски“, СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“, СУГС „Зеф Љуш Марку“, ООУ „Наум Наумовски Борче“, СУГС „Кочо Рацин“ и СУГС „Јосип Броз Тито“.
Од организацијата упатија благодарност до сите ученици, наставници, партнери и поддржувачи кои биле дел од оваа 15-годишна приказна, нагласувајќи дека без нив програмата немаше да биде можна.