Френсис Форд Копола, човекот кој стои зад некои од најголемите класики на седмата уметност, со „Мегалополис“ се впушта во уште една авантура. Овој филм, децениска опсесија на авторот, е визуелно интересно и тематски провокативно дело кое ја разгледува врската меѓу утопијата и дистопијата, визионерството и автократијата, демократијата и популизмот. Но, дали „Мегалополис“ навистина е ремек-дело или е претерано амбициозен експеримент што се дави во сопствената големина?
Сместен во алтернативна верзија на Њујорк, филмот го претставува градот како „Нов Рим“, јасна алузија на историските паралели меѓу падот на античката цивилизација и модерните политички турбуленции. Главниот лик, архитектот Цезар Каталина (Адам Драјвер), има утописка визија за иднината, но неговите идеи се соочуваат со отпор од корумпираниот градоначалник Френклин Цицерон (Џанкарло Еспозито), кој ги персонифицира сите недостаци на политичкиот естаблишмент.
Копола, како раскажувач, создава политичко-филозофска парабола што ги истражува опасностите на диктатурата и манипулативниот популизам. Односот помеѓу Каталина и Цицерон е симболичен – судир на два света, на визијата и прогресот против реакцијата, на иноваторот против статус квото. Тоа е суштината на самиот филм: судирот меѓу надежта и цинизмот, меѓу новото и старото, меѓу креативноста и репресијата.
Она што „Мегалополис“ го прави интересен е неговиот ангажман против тоталитарните системи и масовната манипулација. Копола користи историски и културни референци за да предупреди за опасностите од политичките структури што функционираат како механизми за контрола, а не како платформи за општествена благосостојба. Неговиот град е метафора за самото општество – прогресивните идеи се задушуваат од корумпирани моќници кои го претпочитаат статус квото пред напредокот.
Кинематографијата, инспирирана од римската архитектура, футуристичката урбанистичка визија и експресионистичкиот стил на филмовите од 1920-тите, создава занимлива атмосфера. Сценографијата, костимите и визуелните ефекти се во функција на креирањето свет кој изгледа истовремено и познато и дистопично, и антички и футуристички.
Но, токму во овој аспект, филмот ја губи својата органска поврзаност со изворниот материјал. Копола, во својата страст за создавање визуелни искуства ја потиснува природната емоционалност на приказната. Некои сцени, иако импресивни на естетско ниво, делуваат претерано формални, дури и извештачени. Ова се забележува особено во дијалозите кои понекогаш звучат повеќе како реторички говори отколку како автентични човечки интеракции. Тој стилизиран пристап, кој можеби ќе импресионира некои филмски љубители, може да остави голем дел од публиката дистанцирана од нарацијата и генерално, од било каков посериозен впечаток.