Во период кога Скопје повторно се соочува со загаден воздух, зелените површини не се естетски додаток, туку основна инфраструктура за јавно здравје. Парковите треба да бидат природни филтри што го ублажуваат загадувањето, простори што овозможуваат раздвижување, одмор и подобра микроклима. Наместо тоа, дел од проектите што беа најавувани како „зелени решенија“ денес сведочат за спротивното.

Еден од тие примери е мега-паркот во Карпош – проект што со години се најавуваше, промовираше и претставуваше како доказ за грижа за животната средина и квалитетот на живот. Низ различни мандати и со различни локални власти, овој простор беше симбол на „идната зелена оаза“ на општината. Денес, состојбата на терен ја доведува во прашање таа слика.
Наместо уреден парк, посетителите затекнуваат исушена трева, запуштен простор и отсуство на редовно одржување. Зеленилото што требаше да ја апсорбира прашината и да го подобри микроклиматот не ја исполнува ниту основната функција. Паркот постои повеќе како идеја и политичка најава отколку како жив јавен простор што секојдневно им служи на граѓаните.

Ова ја отвора темата за одговорноста. Дали по неговото најавување и делумна реализација бил предвиден јасен план и буџет за континуирана грижа? И ако бил предвиден, зошто резултатот денес е простор што изгледа оставен без внимание? Град Скопје не најде за сходно да одговори на овие прашања кои ги испративме на неколку адреси на одговорните, вклучувајќи ја и онаа на градоначалникот Орге Ѓоргиевски.
Проблемот со мега-паркот во Карпош не е изолиран случај, туку симптом на поширок однос кон јавниот простор. Зеленилото често се третира како проект за отворање и фотографирање, а не како систем што бара долгорочно одржување. Во град со хронично загадување, ваквиот пристап ја поништува и самата идеја за „зелени политики“.

Загадениот воздух не е апстрактна тема. Тој директно влијае врз здравјето, особено на децата, постарите и хронично болните. Во таков контекст, запуштен парк не е ситен пропуст, туку пропуштена можност. Простор што требало да придонесе за подобар квалитет на живот станува уште еден доказ за јазот меѓу најавите и реалноста.
Во јавноста дополнителна вознемиреност внесе и новинарот Васко Ефтов, кој во една од своите неодамнешни видео-анализи изнесе шпекулации за можен проект „Скопје на вода“. Според овие наративи, станува збор за идеја што би подразбирала изградба на висококатници покрај течението на Вардар, од салата „Борис Трајковски“ до просторот на мега-паркот во Карпош. Иако за ваков проект засега нема официјални потврди или објавени планови, самото негово споменување повторно ја отвори дилемата за иднината на зелените површини долж реката и нивната реална заштита.

Во тој контекст, останува клучното прашање дали локалните власти ќе покажат поголема ажурност и интерес за потенцијален проект што би донел значителни приходи за мал број инвеститори, отколку за редовното одржување на паркот кој веќе постои и кој може да донесе директни здравствени и еколошки придобивки за многу поголем број граѓани. Во град што секоја зима се гуши од загаден воздух, одговорот на ова прашање не е политичка реторика, туку прашање на јавен интерес.
