Феминистичката платформа „Медуза“ ги поздрави и поддржи независните иницијативи на отпор и сплотеност против корупцијата, неодговорноста и непостапувањето на сисмоте.
„Деновиве се исклучително тешки за сите. Сред ужасот и тагата, гледаме како се јавуваат првични идеи и иницијативи за самоорганизирање кај најзасегнатата заедница (Кочани), меѓу младите во голем број градови во земјата и дијаспората, меѓу студентите и останатите граѓани“ велат од Медуза.
Од организациајта порачаа дека, сепак забележлива е и другата страна и се појавува наплив на дезинформации, половично пласирани информации, злоупотребени и изманипулирани информации, клевети, навреди, говор на омраза, будење на нетолеранција и етикетирања од страна на поединци и пропагандни, партиски-обоени и/или непрофесионални медиуми.
„Како платформа што се води според принципи на внимателното, инклузивно, проверено и професионално известување чувствуваме потреба да ги потсетиме медиумите да останат професионални и да не ги подгреваат тензиите и да се оградат од ширење непроверени содржини и нивно афирмирање. Јавниот интерес , етиката и човечноста мора да се водилки за сите нас“ велат од Медуза.
На нивните поддржувачи им порачуваат внимателно и во целост да ги следат и читаат пласираните содржини за да можат да ја проценат веродостојноста на истите и полесно да се ориентираат во периодот кој следи.
„Длабоко веруваме во нашите капацитети да сме сплотени, солидарни и истрајни. Да не заборавиме дека си требаме едни на други“ заклучуваат од Медуза.