Медиумскиот сектор чека одлука од ЕК за политичкото рекламирање

Новите правила на ЕУ за политичко рекламирање ќе стапат на сила на 10 октомври, но медиумскиот сектор и тех-гигантите бараат појаснување околу тоа што точно спаѓа под „политичка реклама“.

Рекламни агенции и медиуми сè уште чекаат појаснување за тоа што точно спаѓа под новите правила на ЕУ за политичко рекламирање, кои целосно ќе стапат на сила од 10 октомври. Европската комисија вети дека ќе обезбеди дополнителни насоки за имплементација на правилата и за идентификување на тоа што претставува политичка реклама, но засега тие насоки сè уште не се објавени.

Технолошките гиганти Meta и Google веќе објавија дека ќе ги прекинат сите реклами поврзани со политика, избори и општествени прашања на нивните платформи во ЕУ кога ќе почнат да важат новите правила. Meta во јули соопшти дека законодавството „воведува значителни оперативни предизвици и правна неизвесност“ и дека има „неизводливи барања“.

Новите правила на ЕУ

Правилата на ЕУ за транспарентност и насочување на политичкото рекламирање (TTPA) – дизајнирани за борба против манипулација со информации и странско мешање во изборите – влегоа во сила во април 2024 година, но поголемиот дел од одредбите ќе се применуваат целосно од 10 октомври оваа година.

Според нив, политичките реклами мора да носат етикета за транспарентност и да содржат информации за: спонзорот, кон кој избор се однесуваат, потрошената сума и техники на насочување кон публика

Стравувања од медиумскиот сектор

Во својата повратна информација до Европската комисија, организациите изразуваат загриженост поради нејасната дефиниција на политичко рекламирање.

Советот на издавачи – кој ги обединува директорите на водечките европски медиумски организации – предупредува дека издавачите можеби нема да имаат технички капацитет да ги исполнат барањата, ниту пак да ги одбијат политичките реклами кои се прикажуваат преку автоматски системи (programmatic advertising). Тоа, велат, ги изложува на неприфатлив ризик.

Тие бараат појаснување околу тоа како да се идентификуваат спонзорите, формати за декларации (за доследност) и како да се верификува автентичноста на спонзорите

Други загрижености

Европската алијанса за стандардизација на рекламирањето, НВО која се грижи рекламите да бидат легални и вистинити, исто така предупредува дека дефиницијата на „политичко рекламирање“ е преширока и може да ги вклучи и комерцијалните реклами, што е непожелно.

„Во моментов нема доверлив извор за проверка дали некој клиент е политички актер“, велат тие.

Слични загрижености има и Европската радиодифузна унија (EBU), која претставува 113 јавни медиумски сервиси од 56 земји.

Тие прашуваат:

„Ако емитуваме реклама која ги охрабрува гледачите да се однесуваат поеколошки, дали тоа може да се смета за политичко влијание, дури и ако не е платено?“

Првиот вистински тест за новите правила ќе биде парламентарните избори во Холандија на 29 октомври, кога тие ќе се применуваат целосно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни