МЕД: Утврдена најголемата хибернациска колонија на лилјаци од видот мал потковичар во Преспа

Утврдена е досега најголемата хибернациска колонија на видот мал потковичар (Rhinolophus hipposideros) во Преспанскиот регион, со околу 90 единки

Bо текот на вчерашниот ден, тим на Македонското еколошко друштво (МЕД), во соработка со НП Галичица, ја посети пештерата Самотска Дупка на Галичица каде беше спроведен зимски мониторинг на лилјаци.

Притоа, утврдена е досега најголемата хибернациска колонија на видот мал потковичар (Rhinolophus hipposideros) во Преспанскиот регион, со околу 90 единки, наведуваат од МЕД.

Истовремено, во пештерата беа изброени и повеќе единки од видовите голем потковичар (Rhinolophus ferrumequinum) и остроушест лилјак (Myotis blythii).

Во Европа постојат 55 видови на лилјаци, од кои 30 се присутни во Македонија. Овие мали, но важни животни се активни во топлите месеци, а по настапувањето на студеното време и намалувањето на достапноста на храна – тие се засолнуваат во зимските засолништа и паѓаат во хибернација, до првото пролетно затоплување.

Лилјаците се една од најзагрозените групи на животни, а најголемите закани се предизвикани од човечките активности како што се сечењето на шумите, сушењето на водните површини, прекумерната употреба на пестициди, нарушување на нивните живеалишта и ловот.

Меѓутоа, лилјаците воопшто не претставуваат опасност за луѓето, а напротив, играат важна улога како природни регулатори на инсектите. Без нив, популацијата на штетни инсекти може значително да се зголеми, што доведува до штети на земјоделските култури, шумите и дури можен пренос на несакани болести. Минторингот на лилјаци во Преспа се спроведува како дел од „Проект ПреспаНЕТ III – зачувување на биолошката разновидност на прекугранична Преспа“, поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), Фондацијата Aage V. Jensen и EuroNatur.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни