Од 20 пара до одржлива популација: што предвидува проектот за белоглавиот мршојадец

Шестгодишен LIFE проект со поддршка од ЕУ предвидува реинтродукција на 50 млади единки од Шпанија, воспоставување хранилишта и јакнење на стручните капацитети за стабилизирање на популацијата во Тиквешко-Демиркапискиот регион.

Македонско еколошко друштво најавува шестгодишен меѓународен LIFE проект чија цел е стабилизација и постепено зголемување на популацијата на белоглавиот мршојадец во Македонија – вид што со години се соочува со пад и висок ризик.

„Македонија е природно живеалиште на мршојадците и денес кај нас се среќаваат два од четирите европски вида, египетскиот и белоглавиот мршојадец. Тиквешко-Демиркапискиот регион е едно од последните гнездечки јадра во земјата, каде денес гнездат околу 20 пара белоглави мршојадци“, вели Славе Накев.

Проектот LIFE24-NAT-NL-LIFE Balkan GriffON/101215506, кофинансиран од Европска Унија и спроведуван во партнерство со организации од регионот, предвидува реинтродукција на 50 млади единки од Шпанија – земја со најголема и најстабилна популација на белоглав мршојадец во Европа.

„Целта ни е да ја стабилизираме и постепено да ја зголемиме локалната популација преку реинтродукција на 50 млади единки од Шпанија. Со тоа сакаме да го затвориме поглавјето на долгорочна заштита на белоглавиот мршојадец, по примерот на Србија, Бугарија и Хрватска, и да обезбедиме негова одржлива иднина во Македонија и на Балканот“, додава Накев.

Но враќањето на единките е само дел од пошироката стратегија. Во рамки на проектот ќе се воспостават функционални хранилишта за обезбедување достапна храна, ќе се работи на намалување на ризикот од труење преку директна комуникација со локалното население, како и на зајакнување на стручните капацитети во земјата.

Планирана е и соработка со Факултет за ветеринарна медицина при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, каде ќе се обучи ветеринар за специјализирана работа со птици и нивна рехабилитација – чекор што треба да обезбеди одржливост и по завршувањето на проектниот циклус.

Со овој проект, Македонија се приклучува на регионалните напори за обновување на мрежата на мршојадци на Балканот. Како што беше наведено и во претходна објава на Трн, целта не е само зголемување на бројката, туку создавање стабилен и одржлив систем на заштита што ќе овозможи видот повторно да стане траен дел од домашниот екосистем.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни