МЕД апелира: Заштитете ги птиците и природата

Секојдневниот живот во зимските месеци донесува нови предизвици, но и убавини. И додека ние уживаме во топлината на нашите домови, птиците надвор се борат со ниските температури и тешките услови за преживување. Петарди, огномети и фенер балони, кои традиционално ги прославуваат новогодишните празници, претставуваат сериозна закана за животните, а особено за птиците. Научните студии покажуваат дека силните звуци и светлосни ефекти можат да предизвикаат стрес, дезориентација, па дури и да го загрозат нивниот живот.

„Како луѓе, имаме моќ да направиме разлика. Наместо да го загрозуваме животот на нашите крилести пријатели, можеме да станеме нивни заштитници. Најлесниот начин е да поставиме хранилки на балконите и во дворовите. Овие едноставни активности не само што помагаат на птиците да преживеат во студените денови, туку и ќе ни донесат радост и убавина во нашето зимско секојдневие“, апелираат од МЕД.

Непечени кикирики, суво овошје, семиња од сончоглед, тиква или пченица се одлична храна за птиците кои ќе станат ваши редовни гости. Гулабите, врапчињата, сипките, можеби и ѕвингалките, клукајдрвците и дроздовите ќе ве посетуваат, разубавувајќи го вашето зимско утро. Ова е мал чекор што не бара многу, но значи многу за природата и за сите нас.

Погрижете се за птиците и направете вашата зимска сезона не само топла за вас, туку и за сите живи суштества околу вас.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни