Најновите податоци од зимскиот цензус на водни птици, спроведен во јануари 2026 година под водство на Македонското еколошко друштво (МЕД), повторно го ставаат Охридското Езеро во фокусот на загриженоста за состојбата на неговиот екосистем. Бројот на водни птици годинава изнесува околу 14.000 единки, значително помалку во споредба со минатата година, кога биле изброени над 26.000 птици.
Иако ваквите бројки на прв поглед може да се интерпретираат како природна флуктуација, стручната јавност предупредува дека во случајот на Охридското Езеро тие не може да се гледаат изолирано. Напротив, станува збор за дел од подолгорочен тренд кој укажува на сериозен антропоген притисок врз езерскиот екосистем.
„Споредено со податоците од претходните пет години, промените на Охридското Езеро се најдинамични. Причините за овие промени ќе се утврдуваат откако ќе се разгледаат сите фактори што би можеле да влијаат и во контекст на пребројувањата од другите европски земји“, вели Данка Узунова, орнитолог и проектна координаторка во Македонското еколошко друштво.

Осцилации што траат со години
Податоците од последните три години покажуваат јасна нестабилност. Па така во 2024 година биле регистрирани околу 11.000 водни птици, во 2025 година бројот се зголемил на 16.000, за да во 2026 повторно да се намали на 14.000. Ваквите осцилации се особено значајни кога ќе се споредат со состојбата на Преспанското и Дојранското Езеро, каде популациите се стабилни или бележат умерен раст.
Од МЕД потенцираат дека бројките сами по себе не се доволни за носење конечни заклучоци, но дека тие мора да се читаат во поширок контекст.
„Птиците се одличен биолошки индикатор за состојбата на живеалиштата кои ги користат. Нивното присуство или отсуство, како и нивната бројност, ни даваат рана слика за тоа што се случува со екосистемот“, објаснува Узунова.
Намалување кај чувствителните видови
Особено загрижувачки е фактот што кај дел од автохтоните и чувствителни видови се забележува намалување или стагнација. Овие видови најдиректно зависат од квалитетот на живеалиштата, мирните зони и водниот режим, што ги прави први „жртви“ на деградацијата на просторот.
Според МЕД, ваквите податоци се во согласност со долгогодишните предупредувања дека екосистемот на Охридското Езеро е под сериозен притисок.
„Преку зимското пребројување, кое се спроведува синхронизирано во илјадници влажни живеалишта ширум светот, се обезбедуваат цврсти докази што служат како систем за рано предупредување за влошување на состојбата на водните подрачја“, посочуваат од МЕД.
Урбанизацијата и туризмот како постојан притисок
Иако МЕД не посочува директни виновници, податоците од цензусите се совпаѓаат со притисоци кои се добро документирани и во други извештаи, вклучително и оние на УНЕСКО. Интензивната урбанизација на крајбрежјето, уништувањето на трстиковите појаси и фрагментацијата на живеалиштата се меѓу клучните проблеми што со години се нотираат.
Дополнително, вознемирувањето од туризмот и пловните објекти претставува сериозен фактор, особено во зимскиот период кога птиците имаат зголемена потреба од мирни и безбедни зони.
„Промените во состојбата на водните подрачја често се поврзани со губење на живеалишта, загадување, промени во водните режими и зголемени човечки активности“, нагласува Узунова, додавајќи дека сите овие фактори мора да се разгледуваат заедно.

Птиците како аргумент во меѓународните извештаи
Податоците од зимскиот цензус не остануваат само во научните кругови. Тие се користат и во клучни меѓународни рамки како Рамсарската конвенција, Африканско-евроазискиот договор за водни птици (AEWA), директивата на ЕУ за заштита на дивите птици, но и во проценките за статусот на Охридскиот Регион како светско природно и културно наследство.
„Вака собраните податоци претставуваат една од најсилните долгорочни бази на податоци за биодиверзитет на глобално ниво и имаат суштинска улога при креирањето политики за заштита“, истакнуваат од МЕД.
Што значи ова за иднината на Охридското Езеро?
Иако од МЕД потенцираат дека анализата на причините допрва следи, пораката од бројките е јасна: Охридското Езеро не покажува знаци на стабилно закрепнување. Напротив, екосистемот останува ранлив, а секоја наредна година без суштински мерки го зголемува ризикот овие флуктуации да се претворат во траен пад.
Проблемот, како што со години укажуваат и научниците и меѓународните организации, не е во недостаток на податоци или планови, туку во нивната имплементација. Ограничувањето на урбанизацијата, заштитата на крајбрежните појаси и контролата на човечките активности остануваат недоследно спроведени.
Најновиот зимски цензус на водни птици уште еднаш ја потврдува улогата на птиците како ранен аларм за состојбата на Охридското Езеро. Падот на нивната бројност не е случајна појава, туку симптом на подлабоки и долготрајни проблеми во управувањето со езерскиот екосистем.
Како што порачуваат од Македонското еколошко друштво, податоците се тука, a прашањето е дали ќе бидат искористени за навремено дејствување или повторно ќе завршат како уште едно предупредување што ќе се игнорира.
Извор: МЕД
Фото: МЕД
