Мечкарите од прилепскиот карневал ја носат приказната за настанокот на светот

Традиционално за Прочка се одржува Прилепскиот карневал, кој од 2001 година станува меѓународен карневал кога доаѓаат многу гости од странство и од другите места од Македонија. Традиционална маска која останала од времето на нашите древни предци за прилепскиот карневал се Мечкарите. Тие го покажуваат светот како што го гледале нашите предци и моќното чувство кога сте под самата маска.

Прилепската група „мечкари“ е формирана од касапите. Регистрирано славење на мечкарите е заведено пред Втората светска војна, поточно во 1929 година кога прв пат се забележани во пишаните извори. Во Прилеп „мечкарите“ се всушност касапите или месарите. Касапите биле неомилени меѓу двете светски војни затоа што тие се среќаваат со душите на животните кои ги убиле, кои ги заклале и во тоа време, според тоа народно верување, тие биле контаминирани со тие души. На тој начин таа класа се повлекува во себе и го гради тој обичај Прочка како еден еснафски празник.  Празникот се славел  мошне специфично, имале недела дена комплетен пост, конзумирале само алкохол, биле повлечени во пештери и таму имало табу за палење оган, значи воопшто не палеле оган и се доведувале во едно ритуално расположение.  После седум дена после тој пост биле опасни. Дури и денес имаме остаток од тој обичај. Биле мошне опасни и по патот на луѓето што поминуваат им земале едноставно патарина, а ако сретнеле друга маскирана поворка настанувало тепачка до смрт. Постојат многу такви гробишта во Мариовскиот и во Пелагонискиот дел, каде што се среќавале  две групи и  на крајот имало и мртви во нивните судири.

Во минатото тие околу 4 наутро се собирале околу Зибиа, старата кланица и се облекувале во пресни кожи кои попатно требало и да смрдат. Само некои делови од кожите биле од пофина кожа, како кожа од лисица или штавено јагне и тие делови се користеле за покривање на  главата. Се останато било од пресни кожи. Нивното облекување се нарекувало врзување и кога ќе се собереле во 4 часот наутро, секој кој доаѓал, прво имало ритуално обилно пиење, за да се дотераат во ритуален транс, а потоа следело безобразно зборување, така и се дочекувале меѓу себе, со пцовки.

Каспското оро постоело за да ги смирува да не прават многу бељи. Тоа им било еден начин на регулација на групата. Најстариот од нив кој ја носи кантата за собирање пари исто така многу го почитуваат.  Со толку обилно пиење и со толку многу ритуално расположение седење на студено, навистина човек може да стане опасен во едно такво ритуално расположение.

Според антролозите, тоа е група која го глуми настанувањето на светот, од „хаосот“. Тие се една група на хаосот, од која се раѓа „поредокот“. По тип, тоа е приказна за настанокот на светот, онака како што го гледале наште предци.

Во денешно  време, мечкарите се облекуваат во една куќа од еснаф на касап, и во 6 часот сабајле тргнуваат по куќите на касапите, ги канат луѓето на посен грав. Луѓето ги пречекуваат со ракија, храна и вино. На зборното место секогаш доаѓаат и свирачите.  Се делат на две групи, едната група оди во правец на Варош, а другата накај Рид. Маската се состои од сурат и од кожа. Суратот е направен од чоја и од пулејки, а на него се ставаат опашки од коњ, рогови, се облекуваат во кожа, овча или јагнешка. Сите носат стапови, ѕвонци и клопотрци.

На овој ден нема пристојно однесување. Се губат социјалните функции. Постои општа амнестија за сите учесници. Прилепчани им плаќаат на „мечкарите“ за да си го откупат сопствениот живот.

Прочка за мечарките е светол ден, кој што не ставил маска, не знае како изгледа преправањето. Тој што ќе ја стави еднаш, ја носи засекогаш, велат тие.

Извор за информациите е аматерскиот филм Bear men, Мечкари од авторот Горан Попоски и изјавата на Александар Цветкоски во прилепскиот музеј.

Насловна фотографија и дел од фотографиите се преземени од https://www.prilepinfo.mk/mk/manifestacii/karneval-prochka

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни